ЕУ има пет услови за соработка со талибаните

Министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската унија на дводневниот неформален состанок во словенечко Брдо крај Крањ, договорија пет услови за можна соработка со талибанската влада во Авганистан.

„Мораме да се вклучиме во преговорите со талибанската власт за да го поддржиме авганистанското население“, рече високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна и безбедносна полика, Жозеп Борел говорејќи за резултатите од дводневниот состанок.

Според него, доколку сакат да соработуваат со ЕУ, талибаните прво мора да гарантираат дека Авганистан нема да биде засолниште за терористите кои би можеле да напаѓаат други земји како што тоа беше во минатото.

Натаму, како што рече Борел, талибаните мора да ги почитуваат човековите права, особено на жените, да состават „вклучива“ влада, да дозволат доаѓање на хуманитарна помош и да им овозможат на странските државјани и на „ранливите“ Авганистанцди кои тоа го сакаат да ја напуштат земјата.

„Овој оперативен ангажман на ЕУ со талибаните не значи нивно признавање. И тоа ќе зависи од усполнувањето на овие услови. Некои ќе кажат ама талибаните нема да ги исполнат. Ајде да видиме“, истакна Борел.

На министрите од ЕУ во дел од состанокот им се придружи и индискиот министер за надворешни работи Субрахманјам Џаиншанкар, со кој разговараа за геополитичката улога на Индија во Азија и мултиполарниот свет, следејќи ги САД во стратегијата за спротиставување на растечкото влијание на Кина во регионот.