ЕУ, Израел и Египет постигнаа договор за испорака на израелски гас во Европа

Израел и Египет во средата потпишаа меморандум за разбирање во областа на извозот на гас од еврејската држава преку Арапската Република во Европа, пренесува катарската сателитска телевизија Al Jazeerа.

Според документот, договорот е дизајниран на три години со автоматско продолжување на уште две години. Меѓутоа, засега не се наведуваат ниту конкретни количества коишто од Израел преку Египет би биле испорачувани во ЕУ, ниту ориентациони процени за цената на гасот.

Станува збор за увоз на течен природен гас (LNG), со цел да се намали или сосема да се исклучи увозот на членките на ЕУ на гасот од Русија. Минатата 2021 година, земјите од ЕУ увезуваа од Русија околу 40 отсто од гасот за потрошувачка, па затоа стручњаците и аналитичарите предвидуваат дека дисперзијата на правците на снабдување во Европа ќе трае можеби и неколку години.

Како што соопшти претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, според договорот, Израел ќе праќа повеќе гас во Египет, кој има капацитети да го претвори во течна форма а потоа со танкери преку море ќе стигне до земјите од ЕУ.

„Ова е посебен момент. Топло го поздравувам потпишувањето на овој историски договор“, изјави Фон дер Лајен на заедничка конференција со министрите за енергетика на Египет и Израел.