ЕУ: Израел не презентираше доказ за обвинувањата против UNRWA

Високиот функционер за хуманитарна помош на Европската унија во четвртокот рече дека не видел докази од Израел во поткрепа на неговите обвинувања против персоналот на Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (UNRWA), која треба да продолжи да игра „клучна“ хуманитарна улога во Газа.

Агенцијат UNRWA, која обезбедува помош и услуги за палестинските бегалци во Појасот Газа и во целиот блискоисточен регион, е во криза откако Израел обвини десетина членови на персоналот за наводно учество во нападот на Хамас врз Израел на 7-ми октомври. Поради овие обвинувања, најголемиот донатор на UNRWAА, САД, како и некои други поголеми донатори главно западни сојузници на Вашингтон, го прекинаа финансирањето, доведувајќи ја неизвесност иднината на агенцијата.

Шефот на агенцијата на ОН за палестински бегалци претходно рече дека е внимателен оптимист дека некои донатори ќе продолжат да ја финансираат агенцијата, иако американските власти рекоа дека замрзнувањето на финансирањето на Вашингтон може да биде трајно поради противењето во Конгресот.

Јанез Ленарчич, шеф за хуманитарна помош и кризен менаџмент во Европската комисија, рече дека ниту нему, ниту некому друг во водството на Европската комисија и од донаторите на UNRWA, не им биле презентирани докази од страна на Израел.

„Дури и доколку овие наводи се покажат како вистинити на крајот на денот, тоа не значи дека UNRWA е сторителот“, им рече тој на новинарите.

Во тој случај, Ленарчич смета дека индивидуалната одговорност би била посоодветна отколку колективна.

„UNRWA реагираше правилно, веднаш, ефективно. Презеде неколку мерки. Се води истрага. Постои извештај… UNRWA, секако, ќе игра клучна улога бидејќи има најдобра инфраструктура, магацини, засолништа и логистички способности. “, рече Ленарчич.