ЕУ казни американски производител на кондиторски производи поради опструкција на пазарот

Европската комисија во четвртокот го казни американскиот производител на кондиторски производи „Mondelez International“ со 337,5 милиони евра поради нарушување на прекуграничната трговија со чоколада, бисквити и производи од кафе меѓу земјите на Европската унија.

„Mondelez International“ склучувал договори кои ги прекршиле прописите за еднаква пазарна конкуренција и ја злоупотребил својата доминантна позиција на пазарот на кондиторски производи, утврдила Комисијата.

Од 2012 до 2017 година, на група од седум трговци на мало им било дозволено да ги продаваат нивните производи само на одредени територии, а нивниот број на клиенти бил ограничен, се вели во соопштението на Комисијата.

Група од 10 ексклузивни дистрибутери во одредени земји на ЕУ во периодот од 2006 до 2020 година морала да бара дозвола за да одговори на барањата на клиентите за продажба во други земји на ЕУ.

Од 2015 до 2019 година, „Mondelez“, исто така, одбивал да ги снабдува трговците во Германија за да спречи препродажба на чоколада во Австрија, Белгија, Бугарија и Романија каде нивните цени биле повисоки, соопшти регулаторот на ЕУ.

Американската компанија, исто така, ги прекинала испораките во Холандија за да ја спречи препродажба на нејзините производи во Белгија, каде што ги продавала по повисоки цени.

„Опстојуваме во поддршката на основните слободи во Европската унија и гарантирајќи им на европските граѓани дека ќе имаат пристап до најширокиот асортиман на производи по најниски цени што пазарот може да ги понуди“, рече на прес-конференција еврокомесарката за пазарна конкуренција Маргрете Вестагер.

Казната е намалена за 15 отсто, на 337,5 милиони евра, откако компанијата го признала прекршувањето на прописите.

Во четвртокот од „Mondelez International“ рекоа дека прекршувањата претставуваат изолирани инциденти од минатото, нагласувајќи дека ги коригирале деловните практики долго пред истрагата на Комисијата.

„Прашањата од минатото не одразуваат кои сме ние денес или силната култура на усогласеност кон која се стремиме“, изјави за медиумите портпаролот на „Mondelez International“.