ЕУ ќе формира заедничка разузнавачка школа, која ќе ја води Грција

Министрите за одбрана на 25 земји членки на ЕУ се согласија да формираат европска разузнавачка школа, заедно со уште неколку проекти, со цел зајакнување на европскиот одранбен капацитет.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, ова е првпат по повеќе години, Европската Унија поинтензивно да се посвети на заедничката европска одбрана.

Пред неколку дена, францускиот претседател Емануел Макрон порача дека Европа треба да има своја војска и да биде подготвена да се одбрани од големите сили како Русија, САД и Кина.

Заедничката европска разузнавачка школа во соработка со земјите членки, НАТО, разузнавачките и безбедносните сили, ќе обезбеди едукација и обука во разузнавачките дисциплини и други области специфични за разузнавачкиот персонал на земјите членки на ЕУ, стои во усвоениот документ.

Академијата ќе ја води Грција заедно со Кипар. Разузнавачката школа е еден од шеснаесетте проекти на воениот пакт на ЕУ. Во него не учествуваат Велика Британија, Малта и Данска.
Другите проекти се однесуваат на области како на пример создавање нова генерација на дронови до 2025 или пак кибер безбедност. тм/сп/
2018-11-20 08:26:45, од Тања Милевска, Брисел