Европската унија ќе ги вклучи Македонија и Србија во големото европско решение што Брисел го подготвува во однос на мигрантската криза, пренесе МИА.
По денешниот состанок на Колеџот на комесари на Европската комисија, каде е договорено и вклучување на македонската и српската држава во големиот одговор на ЕУ во однос на прашањето со емигрантите и бегалците, еврокомесарот за внатрешни работи и миграциски прашања Димитрис Аврамопулос во Брисел го прими македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски на кого му ја пренесе оваа одлука на неформалната Влада на Унијата.
Пред да се сретне со Аврамопулос, македонскиот шеф на дипломатијата утриава имаше состанок и со генералниот секретар на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), Ален Лероа, кој му ги пренел истите пораки што Попоски потоа ги доби и од поранешниот грчки министер за надворешни работи.
На овие средби најмногу се разговараше околу тековната мигрантска криза. Во ситуација сме во која недостасува европски одговор и всушност секоја земја се справува со проблемот на својата територија. Она што беше упатено како порака по денешните состаноци во Комисијата е дека гледаат начин на кој би се дал европски одговор. Во прва линија со концентрација на земјите во кои првпат влегуваат мигрантите и во втора линија, со договор во кој тежината на проблемот ќе се распредели по сите земји. За нас најзначајно е Македонија како земја-кандидат да биде вклучена во тие решенија и финансиски и технички на терен. А, за тоа од Европската комисија пораката беше дека дефинитивно ќе бидат земени предвид и Македонија и Србија, истакна министерот Попоски во изјава за МИА по средбите.
Според првиот човек на македонската дипломатија, за Македонија е значајно овој проблем со емигрантите да излезе од матрицата на префрлање на проблеми на следната врата, бидејќи, според него ”ниту Македонија го создала, ниту Македонија може самата да го реши, но дефинитивно мора да бидеме дел од големото решение”.
Втората порака што ја добив на средбите со европските челници беше, исто така значајна, а тоа е дека постои согласност од земјите-членки дека не смее да се промени политиката во која Европа ќе ги ужива слободите на движење и слободите на давање на помош на оние кои се навистина загрозени, додава Попоски.
По овие состаноци со генералниот секретар на ЕЕАС и со еврокомесарот за миграциски прашања, министерот Попоски замина во седиштето на НАТО, каде во моментов, заедно со министерот за одбрана Зоран Јолевски имаат состанок со генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг. Подоцна ќе присуствуваат на извештајот на НАТО во однос на 16-тиот циклус од Акцискиот план за членство (МАП) на Република Македонија во најголемата воено-политичка организација на светот.