Европската комисија соопшти дека одобрила доделувањето на најмалку 11 милијарди евра помош за Украина на краток и среден рок , пренесоа агенциите.
Повеќето од мерките се за периодот до 2016 година , прецизираше на прес-конференција претседателот на ЕК Жозе Баросо. Тој посочи дека Украинците треба да ја утврдат самите својата иднина . Последните настани не убедија дека мирот не е гарантиран , додаде Баросо .
Претседателот на ЕК повика на мирно решение на оваа криза . Треба да бидат почитувани правата на сите Украинци, поддржуваме распоредување на меѓународни набљудувачи , изјави Баросо .
По неговите зборови сегашната криза е предизвик за можностите на ЕУ за заштита на стабилноста во регионот . Остануваме подготвени за потпишување договор за асоцијација и трговски договор , додаде Баросо .
За прв пат по години се појавува закана за мирот и стабилноста на континентот , коментира тој. Баросо изрази очекување дека на вонредниот Европски совет утре ќе биде даден јасен заеднички одговор на кризата , бидејќи тоа е важно за единството на ЕУ и нејзините институции , како и за меѓународните партнери . Баросо најави дека се предвидува и закажувањето на донаторската конференција за Украина во Брисел .
Усвоените мерки се насочени кон стабилизирање на украинската економија , како и кон промовирање на политичките реформи , се наведува во соопштението на комисијата. Меѓу утврдените мерки е и либерализација на визниот режим со Украина , воспоставување на слободна трговска зона , модернизација на украинскиот гасоводен систем и изградба на двонасочна врска со Словачка .
Три милијарди евра од буџетот на ЕУ ќе бидат доделени на Украина за заеми во сферата на економијата , 8 милијарди евра ќе бидат доделени од Европската инвестициска банка и од Европската банка за обнова и развој. Се предвидува можноста за инструментите за соседството да бидат доделени 3,5 милијарди евра .