Европската унија го предупреди турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, да ја прекине интервенцијата во истрагата за корупција меѓу високите државни службеници, пренесуваат локалните медиуми.
Штефан Филе, европски комесар за проширување, истакнал во официјалната изјава дека Ердоган директно ги прекршува правилата на ЕУ за гарантирање на независност на судството, што е клучен услов за кандидатурата на Турција за членство во ЕУ.
„Неодамнешните настани, вклучувајќи отпуштање на полициски началници и притисокот врз полицијата да ги информира органите за тековните истраги, предизвикуваат сериозна загриженост за независноста, ефикасноста и непристрасноста на истрагите и на поделбата на власта“, рекол портпаролот.
Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган се подготвува за големи промени во Владата, како резултат на корупцискиот скандал кој го потресе турскиот кабинет. Според весникот „Хуриет“ Ердоган , кој и без тоа се очекуваше да направи промени во кабинетот пред општинските избори на 30 март, најверојатно ќе смени десет од своите министри до крајот на месец декември.
Весникот „Милијет“ објави дека оваа недела ќе биде решавачка за министри од турската Влада и за распределбата на функциите.