Лидерите на Европската унија планираат да го бојкотираат самитот за надворешни работи организиран од Унгарија, кој треба да се одржи на 28-29 август, објави во неделата „Политико“, цитирајќи тројца дипломати на ЕУ.
Наместо тоа, шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, наводно, размислува за одржување „формален“ совет за надворешни работи во исто време, за да ги спречи министрите за надворешни работи да присуствуваат на настанот организиран од унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Според „Политико“, потегот бил неформално разговаран со неколку членки, вклучително и Германија и Франција, а бил поттикнат од неодамнешната посета на Орбан на Москва, која беше осудена од други политичари на ЕУ.
„Ако има формален совет за надворешни работи, организиран од високиот претставник Борел истиот ден, министрите нема да можат да одат во Будимпешта“, изјави неименуван дипломат на ЕУ за „Политико“.
Друг анонимен извор додава дека министрите за надворешни работи сакале да „испратат јасен сигнал дека Унгарија не зборува во име на ЕУ“. „Бојкотирањето“ на настанот во Будимпешта е „наменето да го извади ветрот од едрата на Орбан“, напиша Политико.
Унгарија, која го презеде ротирачкото претседавање со Европскиот совет овој месец, е единствената ЕУ членка што го критикуваше ставот на ЕУ за конфликтот во Украина и одби да испрати оружје во Киев. Орбан, исто така, ја стопираше финансиската помош за Украина и постојано предупредуваше дека ниту неговата земја ниту европскиот блок како целина не треба да бидат вовлечени во војна со Русија.
Орбан отпатува во Киев, Москва и Пекинг на почетокот на јули, велејќи дека неговата „мировна мисија“ е обид да помогне во завршувањето на борбите меѓу Русија и Украина. Естонската премиерка Каја Калас, која е номинирана да го замени Борел како врвен дипломат на ЕУ, реагираше на посетите обвинувајќи го Орбан за „искористување на позицијата на претседателство со ЕУ за да сее конфузија“.
Унгарија ги затегна односите со Брисел уште пред да избие конфликтот во Украина, бидејќи ЕУ ја обвинува унгарската конзервативна влада дека го нарушува владеењето на правото дома. Орбан, сепак, инсистираше на тоа дека бирократите во Брисел се обидуваат да ја наметнат својата волја на Будимпешта и да го згазат нејзиниот суверенитет.