ЕУ наскоро би можела да ги пренасочи приходите од рускиот капитал за купување оружје за Украина

Европската унија наскоро би можела да ги искористи приходите од замрзнатите руски средства за да ѝ помогне на Украина да купи оружје, истакнаа челниците на европските институции по првиот ден од дводневниот самит на лидерите на земјите-членки.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека првата милијарда евра од овој извор може да бидат исплатени уште на почетокот на јули.

„Драго ми е што челниците го поддржаа нашиот предлог за користење на дополнителни приходи од замрзнати руски средства. Со тоа ќе се обезбеди финансирање на набавката на воена опрема за Украина. Можеме да очекуваме да собереме околу три милијарди евра оваа година и слична сума во следните години“, рече Фон дер Лајен на прес-конференцијата доцна вечерта во четвртокот.

„Им кажав на челниците, доколку побрзаме да го прифатиме предлогот на Комисијата, дека првата милијарда евра би можеле да ја платиме веќе на 1-ви јули“, додаде претседателката на Европската комисија.

И претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, рече дека е убеден оти за ова може да се донесе одлука многу брзо.

Комисијата предложи 90 отсто од приходите од замрзнатите руски средства да се користат за финансирање на купување оружје за Украина, а останатите 10 отсто да одат директно во украинскиот државен буџет.

САД, ЕУ, Јапонија и Канада ги забранија трансакциите со руската централна банка и Министерството за финансии и замрзнаа околу 300 милијарди долари руски капитал. Повеќе од една година се разговара за неговото можно пренасочување за воена помош или во обнова на Украина по војната, која според некои проценки би требало да чини 486 милијарди долари. Американските и британските власти предлагаат замрзнатите средства да бидат трајно запленети.

Околу 200 милијарди долари се блокирани на сметки во Европа, главно во белгиската клириншка куќа „Euroclear“. Извршната директорка на „Euroclear“ предупреди дека белгиското „средно решение“, според кое руските средства би можеле да послужат како колатерал за задолжување, всушност претставуваат запленување „на задната врата“.

„Користењето средства што не ви припаѓаат како колатерал е прилично блиску до индиректно заплена или идна обврска за заплена, што може да ги има истите ефекти на пазарите како и директната заплена“, рече Лиев Мостри во интервју за Financial Times објавено кон средината на февруари. И директните и индиректните заплени би можеле да го изложат „Euroclear“ на тужби, нагласи таа.

Кон крајот на февраури Меѓународниот монетарен фонд (ММФ – IMF), исто така, предупреди на ризиците од конфискација на рускиот капитал. Меѓународните банки, исто така, ги повикаа властите да воспостават правни стандарди пред евентуалното користење на запленетите руски средства, бидејќи тоа ги загрозува правните постапки и може да се одрази врз кредибилетот на самите западни финансиски институции во светот.

Русија веќе предупреди дека би можела да возврати со конфискација на имотот на европските, американските и другите земји кои ќе се одлучат на таков чекор, а кои се проценуваат на околу 280 милијарди евра.