
Можам да ве уверам дека во моментов не е неопходно во ЕУ да се подготвиме за нова пандемија, изјави портпаролката на Европската комисија за социјални права и вештини, подготвеност, еднаквост, култура и здравство, Ева Хрнчирова во врска со регистрираниот прв случај на лице заболено од човечкиот метапневмовирус ХМПВ во Грција.
„Свесни сме за извештаите во медиумите и за ситуацијата во Кина. Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) е многу внимателен во следењето на ситуацијата и за тоа ќе дискутира и Комитетот за здравство и состојбата ќе се следи и во наредните недели“, нагласи Хрнчирова.
Грчките медиуми јавија дека во Солун е потврден првиот случај на ХМПВ во Грција кај 71-годишен маж, кој најверојатно се заразил од неговата ќерка која била на одмор во Кина, каде што во моментов се регистрирани поголем број случаи на инфицирани со овој вирус.