ЕУ објави дека е запленет имот на руски олигарси од 13,8 милијарди евра

Европската унија досега ги замрзна имотите на руските олигарси, други поединци и компании во вредност од 13,8 милијарди евра, изјави во вторникот висок европски функционер.

Најголемиот дел е запленет во пет од 27-те членки на Унијата, рече функционерот и ги повика останатите членки да направат уште повеќе. Во моментов има 98 компании и организации и речиси 1.600 поединци на „црната“ листа на ЕУ поради улогата на Русија во Украина.

„Досега запленивме имот на олигарси и други субјекти во вредност од 13,8 милијарди евра, тоа е прилично многу“, изјави европскиот комесар за правда Дидиер Рејндерс.

„Меѓутоа, во најголем дел, повеќе од 12 милијарди се замрзнати во пет земји-членки и ние мора да продолжиме да ги убедуваме и другите да го сторат истото“, им рече тој на новинарите кои пристигнаа на состанокот на министрите за правда на ЕУ во Прага. Рејндерс не прецизираше кои се петте земји.