ЕУ: Од 2035 година ќе заврши продажбата на нови автомобили со мотори со внатрешно согорување

Преговарачите на Советот на Европската Унија и Европскиот парламент синоќа постигнаа договор за закон со кој се предвидува крај на продажбата на нови возила со мотор со внатрешно согорување од 2035 година. Тој закон практично ќе ја забрани продажбата на нови автомобили и комбиња на бензин или дизел во 27-члениот блок на ЕУ.

Забраната е дел од пакетот на ЕУ за климатски промени наречен „Фит фор 55“, кој има за цел да ги намали емисиите штетни за климата за 55 проценти до 2030 година, во споредба со нивоата од 1990 година, и да постигне климатска неутралност до 2050 година.

„Само што ги завршивме преговорите за нивоата на ЦО2 за автомобилите. Историска одлука на ЕУ за климата која дефинитивно ја потврдува целта, возила со 100 посто нулта емисија во 2035 година со меѓуфази помеѓу 2025 и 2030 година“,

напиша на Твитер францускиот европратеник Паскал Канфин, кој го предводи Комитетот за животна средина на Европскиот парламент.
Автомобилите во моментов сочинуваат 12 отсто од сите емисии на ЦО2 во блокот на ЕУ, додека вкупниот сообраќај изнесува околу една четвртина. Земјите-членки на ЕУ сега мора да ја усвојат регулативата во националното законодавство.