ЕУ планира да ја саботира унгарската економија поради Украина

Европската унија се подготвува да ги прекине сите средства за Будимпешта во обид да им наштети на „работните места и растот“ доколку премиерот Виктор Орбан продолжи да ја блокира помошта за Украина, објави во неделата „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на стратешки документ од претставници на ЕУ.

Минатиот месец Унгарија стави вето на дополнителни 50 милијарди евра (55 милијарди долари) за финансирање од ЕУ за Украина, при што Орбан вети дека ќе го кочи секој иден финансиски пакет.

Според извештајот, ЕУ сега планира намерно да ja таргетира економијата на Унгарија, да ја загрози нејзината валута и да ја поткопа довербата на инвеститорите во Будимпешта.

„Во случај да нема договор на самитот на 1 февруари, другите шефови на држави и влади јавно би изјавиле дека во светло на неконструктивното однесување на унгарскиот премиер, Будимпешта нема да може да има пристап до фондовите на ЕУ.

Понатаму, се наведува дека без финансирањето, „финансиските пазари и европските и меѓународните компании би можеле да бидат помалку заинтересирани да инвестираат во Унгарија“. Ова може „брзо да предизвика дополнително зголемување на трошоците за финансирање на јавниот дефицит и пад на валутата“, се вели во извештајот.

Тројца дипломати на ЕУ изјавиле за ФТ дека многу земји го поддржуваат планот.
„Влогот е голем. Тоа е уцена“, вели еден од дипломатите.

Унгарскиот министер за ЕУ Јанош Бока коментираше дека иако не е свесен за финансиската закана, Унгарија нема да „попушти под притисокот“.

Тој ја истакна важноста да се „зачува“ единството на ЕУ и нагласи дека Унгарија е подготвена да „направи компромиси“ се додека не се засегнати „виталните интереси“ на земјата.