Европската унија сака да му предложи поголеми инвестиции во својата одбрана на Доналд Трамп, но за возврат бара од него да не започнува трговска војна, изјави во понеделникот Стефан Сежурне, потпретседател на Европската комисија и комесар за индустрија.
„Не можеме да имаме трговска војна и во исто време да градиме европска одбрана“, изјави Сежурне за радиото France Inter.
ЕУ „не може ефикасно да се организира на источниот фронт ако имаме и трговска војна којашо енормно би нѐ чинела“, рече Сежурне, мислејќи на војната во Украина.
На прашањето дали Европа ќе одговори „со сила“ на потенцијалната трговска војна со Америка, Сежурне реагираше воздржано.
„Не можам да ви одговорам. Во случај на зголемување на царините на американските производи, самите Европејци би настрадале, а трговскиот биланс со САД е многу поволен за Европејците“, посочи еврокомесарот.
Според него, можни се два пристапа: офанзивен и дефанзивен.
„Целиот свет зависи од тоа што ќе прави вечерва Доналд Трамп и што стои во најавените извршни наредби. Ниту Канаѓаните, ниту Мексиканците, ниту ние знаеме што пишува во овие наредби“, заклучи Сежурне.
Трамп најави царини од 25 отсто за производите од Мексико и Канада.