ЕУ подготвена да помогне во трошоците за транспорт на украинските земјоделски производи

Европската унија е подготвена да ги извезе речиси сите украински земјоделски производи преку „коридорите на солидарноста“ и да помогне во транспортните трошоци, изјави комесарот за земјоделство Јануш Војчечовски.

ЕУ проучува неколку предлози од земјите-членките за да излезе со заеднички план за покривање на дополнителни транспортни трошоци, рече Војчечовски во вторникот.

„Трговијата не е доволно атрактивна. Русија ќе има корист од сегашната ситуација бидејќи ќе биде поевтино да се купи жито од Русија отколку од Украина, кое се транспортира преку Полска до балтичките пристаништа“, рече Војчечовски, без да даде проценка за трошоците.

Украина извезуваше околу 60 отсто жито преку „солидарните коридори“, а 40 отсто преку Црното Море, додека договорот со кој се гарантираше безбедноста на таа рута беше на сила.

„Подготвени сме да извезуваме речиси сè. Станува збор за околу четири милиони тони маслодајни семиња и житарки месечно, толку (извезовме) во ноември минатата година“, додаде еврокомесарот.

На почетокот на седмицата здружението на украински трговци со жито побара од ЕУ да го зголеми капацитетот на коридорот за милион до 1,5 милиони тони месечно, сугерирајќи и на Комисијата да им обезбедат на европските превозници и пристаништа делумна компензација за транзит во формата на субвенции. Тековниот транзитен капацитет не е наведен.

Зголемувањето може да се постигне со извоз на жито преку пристаништата во балтичките земји, како и во Германија, Холандија, Хрватска, Италија и Словенија, соопшти здружението.

Украинскиот извоз на жито е чувствително прашање за членките на ЕУ кои граничат со Украина, чии земјоделци не можат да ги продадат своите родови поради тоа што голе дел од украинскиот извоз останува на тамошните пазари со дампиншки цени. Затоа, во мај ЕУ одобри привремена забрана за продажба на украинска пченица, пченка и маслодајни семиња на домашниот пазар на Полска, Бугарија, Унгарија, Романија и Словачка, со дозвола за транзит и извоз во други земји. Забраната истекува на 15-то септември, а петчлената група неодамна побара продолжување до крајот на годината.

„Залихите во Украина повторно се зголемија и се поголеми отколку пред војната, што најверојатно ќе го зголеми притисокот врз земјите од непосредното соседство, па затоа треба сериозно да пристапиме кон ова прашање“, предупреди во вторникот еврокомесарот.

Литванија ѝ предложи на Европската комисија украинското жито да се извезува преку балтичките пристаништа.

Ова ќе создаде „одржлив и сигурен алтернативен пат“ за извоз на украински производи, вклучително и жито, преку пристаништата Талин, Рига, Вентспилс, Лиепаја и Клаипеда, според предлогот на тројца литвански министри, наведен во писмото во коешто увид имала агенцијата Reuters.Нивниот вкупен капацитет за извоз на жито е 25 милиони тони, според писмото од 21-ви јули.

Здружението на украинските трговци проценува дека извозот на житарки и маслодајни семиња во сезоната 2023/2024 година би треба да достигне 45 милиони тони.