Здравствените претставници на ЕУ соопштија дека се потврдени 266 случаи на инфекција со салмонела, вклучително и 58 можни случаи на инфекција со оваа бактерија, во врска со чоколадни велигденски „Киндер“ јајца. Извештаи се пријавени низ Европа, но и во Северна Америка.
Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) соопшти дека 86,3 отсто од случаите се кај деца под 10-годишна возраст, а кога станува збор за сите случаи, 41,3 отсто од заразените морале да бидат хоспитализирани. Не се пријавени смртни случаи.
Случаи на салмонела се пријавени во 14 европски земји, како и во Канада и САД. ЕЦДЦ и натаму сè уште се сомнева во белгиската фабрика.
Затворањето на фабриката на „Фереро“ во април, глобалното повлекување на нивните производи од полиците „го намали ризикот од изложеност на бактерии, но може да се појават нови случаи поради долговечноста на производите и можното чување на чоколадото дома“, кажаа од агенцијата.
На почетокот на април службите за контрола на квалитетот на храната во неколку европски земји објавија дека италијанската компанија „Фереро“ повлекла контингент од чоколадите „Киндер“ поради сомневање дека има поврзаност помеѓу производот и салмонелата. Во 10 од вкупно 81 позитивен примерок добиени во белгиската фабрика во декември и јануари се идентификувани два вида на бактеријата, кои се отпорни на неколку лекови. Бактеријата е пронајдена во матеница, полупроизводи и готови производи. Матеницата е обезбедена од италијански добавувач, каде салмонела не била откриена.
„Врз основа на достапните докази, салмонела не е откриена во други фабрики“, соопшти ЕЦДЦ во средата.