ЕУ: Прочистен избирачки список, бaлансирани медиуми и казни за заплашување гласачи

Европската унија го изрази својот став за предвремените парламентарни избори во Република Македонија, што денеска и официјално се закажани за 5 јуни, порачувајќи дека е потребно исполнување на три услови за да се обезбедат, како што проачуваат „веродостојни избори“.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчиќ, во изјава за МИА по повод денешното распишување на изборите во Македонија за 5 јуни од страна на претседателеот на Собранието Трајко Вељановски, посочи дека „ЕУ ја изрази својата позиција јасно, преку изјави од страна на високата претставничка Федерика Могерини, комесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, како и преку европратениците и амбасадорите на ЕУ и САД во Скопје и нивните колеги од земјите-членки на Унијата“.
– Последните случувања фрлаат сомнеж во врска со можноста за обезбедување услови за веродостојни избори. Ги повикуваме сите заинтересирани страни и политичките партии да продолжат да работат заедно за да се обезбедат услови за веродостојни избори, во интерес на земјата и нејзините граѓани. Ова вклучува завршување на прочистувањето на Избирачкиот список, балансирано известување на медиумите и истрага, односно казнување на сите пријавени за заплашување на гласачите. Ние ќе продолжиме да го следиме ова одблиску со меѓународните партнери како што е ОДИХР и ќе продолжиме да ја истакнуваме секоја загриженост што ја имаме, рече портпаролката Коцијанчиќ за МИА.
Во исто време, гласноговрничката на Еврокомисијата, уште еднаш ја испрати пораката во име на официјален Брисел за прекинување на насилствата во Македонија, забележани на завчерашните и вчерашните протести ширум државата по одлуката на македонскиот претседател Ѓорге Иванов да ги помилува сите инволвирани во скандалот со прислушувањето.
– Ги повикуваме сите граѓани и сите партии да учествуваат во демократските процеси на ненасилен начин. Оваа криза може да се реши со политички средства и со враќање на масата за дијалог, ја пренесе Коцијанчиќ пораката на ЕУ до Македонија.