ЕУ се обидува да договори горна граница на цената на гасот

Земјите членки на Европската унија во вторникот ќе се обидат да договорат горна граница на цената на гасот за целата ЕУ, по повеќемесечните преговори кои досега не успеат да ги надминат разликите меѓу владите кои не можат да се согласат за тоа дали таа мерка ќе ја ублажи енергетската криза на континентот.

Министрите за енергетика од 27-те земји членки се среќаваат денеска во Брисел за да се обидат да одобрат ограничување на цените кое минатиот месец го предложи Европската комисија, што би требало да биде најновиот одговор на ЕУ на енергетската криза којашто ја предизвика обидот на Унијата да се откаже од евтиниот руски гас, остриот скок на цените на гасот започнат уште во септември минатата 2021 година и драстично намалените испораки на гасот од Русија поради западните санкции и саботажите врз главните руски гасоводи со кои се испорачуваше енергенсот во Европа.

„Веројатно ниедна држава членка не е задоволна со предлогот за кој дискутираме“, изјавил за Reuters неименуван висок дипломат во ЕУ, кој горната цена на гасот ја опишал како „еден од најкомплицираните и најтешки документи кој можете да го замислите“.

Земјите, меѓу кои се Белгија, Полска и Италија, велат дека горната граница на цената на гасот е потребна за нивните стопанства да можат да се заштитат од високите цените на енергијата иако особено Полска и Италија објавија за нови правци на снабдување со гасот со кои се подобро снабдени со енергенсот и помалку зависни од увозот од Русија. Од друга страна, пак, Германија, Холандија и Австрија стравуваат дека тоа би можело да ги пренасочи многу неопходните испораки на гасот, во прв ред од САД далеку од европските пазари,

Други интервјуирани дипломати од ЕУ рекле дека не се сигурни дали договор ќе биде постигнат и во вторникот. Една од опциите би можела да биде разговорите да продолжат сѐ до состанокот на челниците на земјите од ЕУ во четврток, а потоа министрите повторно да се обидат да го одобрат ограничувањето на цените следната седмица.

„Се движиме во вистинска насока, но сѐ уште не сме стасале“, рекол уште еден неименуван висок дипломат од ЕУ.

Европската комисија во ноември предложи воспоставување на корективен пазарен механизам, кој би се активирал кога цената на холандската берза на гасот TTF, најголемиот хаб во Европа, две седмици ќе биде над 275 евра по мегават/час и 58 евра повисока од референтната цена на природниот течен гас (LNG) десет последователни дена во текот на две седмици.

Меѓутоа, повеќето држави членки на ЕУ остро го критикуваа овој предлог, имајќи предвид дека горната граница на цената на гасот е поставена превисоко, значително над моменталните цени на гасот на пазарот, коишто и онака се значително повисоки од вообичаените до есента 2021 година.