Европската унија има намера следната седмица да наметне царини во износ од 4 милијарди американски долари на увозот од САД како одмазда поради американските субвенции за американскиот производител на авион „Boeing“, најавуваат дипломати од Унијата, додека Вашингтон има право на воведување царини во износ од 7,5 милијарди долари.
Во октомври Светската трговска организација (СТО – WTO) ѝ одобри на ЕУ воведување на компензациски царини на увозот од САД во вредност од четири милијарди долари, поради непрописните американски субвенции за „Boeing“.
Во одвоен но идентитечен спор во минатата 2019 година СТO поради субвенциите на ЕУ за европскиот производител на авиони „Airbus“ им одобри на САД компензациски царини на увозот од ЕУ во вредност од 7,5 милијарди долари. Вашингтон во мај го одложи воведувањето царините но во меѓувреме воведе царини од 25 отсто на увозот на низа прехрабнени производи главно продукти кои доаѓаат од западните членки на Унијата. Притоа, САД разгледуваат можност за царини за европската автомобилска индустрија што би претставувало сериозен удар.
САД сметаат дека ЕУ нема законски основи за воведување на царините, бидејќи субвенциите за „Boeing“ биле запрени уште пред да биде донесена пресудата. Европските функционери, пак, сметаат дека само СТО може да одлучува за тоа дали е задоволена пресудата и дека зеленото светло за воведување на царините и натаму е на сила.
Двете страни се обвинуваат дека не постапиле по пресудата на СТО, и се чини дека по преговорите се решителни да ги максимизираат своите позиции пред веројатните повторни преговори.
Во Брисел, каде и онака го поддржуваа демократскиот претседателски кандидат Џо Бајден, се надеваат дека тој брзо ќе работи на подобрување на односите со Брисел по многу прашања, а особено по оваа пресуда по која европската страна може да „врати“ само половина од наметнатите против-царини, како и за разговори за субвенциите на воздухопловните компании во ЕУ и во САД. Тоа би можело да се искористи како гест на добра волја додека се обидува да изгради обединет фронт против Кина.
Владите на повеќе земји членки на ЕУ го поддржаа наметнувањето на таквите царини во заднината на нивните анимозитети со актуелниот републикански претседател Доналд Трамп кој повеќепати ѝ се закануваше на ЕУ дека САД премногу вложуваат во Европа без да имаат самите бенефит од тоа. Одлуката за ЕУ царините ќе го донесе Советот на министрите за трговија во понеделник и со тоа ќе направи уште едно пресвртување во ткн „Трансатлантска сага“ во трговијата која трае веќе 16 години, во кои на власт се сменија дури четворица американски претседатели.
Но иако Бајден е сѐ поблиску до победата, како што се надеваат во Брисел, Трамп ќе остане на претседателската должност до 20-ти јануари и има на располагање доволно време за реципрочно подигнување на американските царини на европските стоки, кои веќе ги воведе делумно по пресудата на СТО поради субвенциите на владите на земји од ЕУ на конзорциумот „Airbus“.
Американскиот трговски претставник Роберт Лајтајзер предупреди во октомври дека секоја царина од страна на ЕУ би предизвикала одговор од САД, а Трамп се закани дека ќе „удри уште посилно“.
ЕУ, пак, гледа на воведувањето на царините, кое во октомври го одобри СТО, како на важен инструмент за притисок во преговорите и настојувањата на Брисел да се завршат несогласувањата кои започнаа уште во 2004 година.
„Би очекувал воведување на царините следниот вторник или среда“, изјавил за Reuters неименуван дипломат од ЕУ.
Царините ќе опфатат американски авиони и делови за нив, овошје, зрнести плодови и други земјоделски производи, сок од портокал, некои алкохолни пијалаци и други стоки во широк распон од градежна опрема до маси за казина, додале европски извори.