
Европската унија ќе обезбеди 20 милијарди евра во следните четири години за потребите на украинските вооружени сили, извести во четвртокот високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
По средбата на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ, Борел појасни дека во рамките на ткн Европски инструмент за мир, од кој ЕУ досега воено ја помагаше Украина, ќе има засебен оддел со фонд од 5 милијарди евра годишно во следните четири години.
Со новиот фонд, како што објаснуваат во ЕУ, се сака да се осигури безбедноста на Украина и предвидливоста на помошта од Унијата.
Од Европскиот инструмент за мир од февруари минатата година досега на Украина ѝ се осигурани 5 милијарди евра. Со тие средства им е плаќан надомест на државите членки на ЕУ за оружјето и муницијата коишто му ги испорачале на Киев.
Шефовите на димпломатиите на 27-те членки на својот последен состанок пред летната пауза разговарале и за односите со Турција. Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган пред неодамнешниот самит на НАТО во Вилнус согласноста на Анкара за приемот на Шведска во Алијансата го условуваше и со заживување на пристапниот процес на Турција во Европската унија.
Борел на прес-конференцијата во четвртокот изјави дека не може да се разговара само за тоа што ЕУ очекува од Турција, туку и дека треба работите да се погледнат и од другата страна, што Турција очекува од ЕУ.
Турција во 1963 година го потпиша договорт за придружување на Европската унија, тогаш Европска екомомска зааедница, а во 1987 година ја поднесе кандидатурата за членство во Унијата. Сепак, пристапните приговори започнаа дури во 2005 година и притоа досега повеќепати беа суспендирани поради конфликти меѓу Анкара и Брисел. Досега отворени се 16 од 35-те поглавја од турското преговарачко досие.