По завршувањето на средбата, германскиот канцелар Ангела Меркел информира дека со „лидерите на некои земји-членки на ЕУ“ разговарала за прифаќање на дел од бегалците што сега се наоѓаат во Турција, но не посочи за кои држави станува збор.
До 15-ти декември ЕК ќе подготви план за прераспределба на мигрантите
Јункер од своја страна на прес-конференцијата најави дека до 15 декември Еврокомисијата ќе подготви план за прераспределба на дел од имигрантите од Турција на територијата на ЕУ.
Тоа ќе се прави на доброволен принцип и планот ќе биде изработен врз основа на предлогот на Германија. Досега таквиот план има поддршка од осум членки на ЕУ, додаде Јункер.
Турција ќе ги почне преговорите за членство во ЕУ
Давутоглу соопшти дека на средбата е договорено на 14-ти декември во Брисел, Турција и ЕУ да започнат преговори по Главата 17 од договорот за членство, која се однесува на економски и финансиски прашања.
Среќен сум што можам да видам дека сите мои колеги во Европа се согласуваат дека Турција и ЕУ имаат заедничка иднина, потенцира Давутоглу, додавајќи дека зачленувањето на Анкара во Унијата е „во интерес не само на ЕУ и на Турција, туку и на светскиот мир“.
Тој најави дека очекува следната година да завршат и преговорите за укинување на визниот режим за патување на турските граѓани во земјите-членки на ЕУ.
Визите за турските граѓани би можеле да бидат укинати во текот на есената 2016 година, додаде Јункер.
Тој изрази уверување дека денешниот Самит претставува возобнова на билатералните односи меѓу ЕУ и Турција на високо ниво и дека ќе обезбеди заеднички одговор на бегалската криза.
Говорејќи за мигрантскиот прилив, Давутоглу оцени дека ЕУ и Турција се „жртви на несупехот на системот на ОН да ја реши кризата во Сирија“, алудирајќи на ветата што ги ставија Русија и Кина на резолуциите поврзани со сирискиот конфликт во Сиветот за безбедност на Светската организација.