Европската унија вчера воведе санкции за три компании кои биле вмешани во кршење на ембаргото на ОН за продажба на оружје на Либија, а Турција веднаш ја осуди одлуката.
Покрај турската компанија Аврасја Шипинг, санкционирани се уште две, јорданската Мед Вејв Шипинг и казахстанската Сигма Ерлајнс, се вели во соопштението на ЕУ и се додава дека се санкционирани и двајца Либијци.
Против санкционираните компании и поединци биле презентирани убедливи докази.
Одлуката покажува дека „ЕУ стратешки го користи режимот на санкции и е способна да одговори на ситуацијата на терен за да го поддржи политичкиот процес и да ги одврати минатите и сегашните сторители на нови прекршоци“, се вели во соопштението на ЕУ.
Овие прекршувања „го поткопуваат политичкиот процес воспоставен за запирање на конфликтот во Либија“, рекоа тие во Брисел.
Сите докази за овие прекршувања се предадени на ОН, кои исто така можат да воведат санкции.
Турција веднаш ја осуди одлуката.
– Во време кога се прават напори да се намалат тензиите во источниот дел на Средоземното Море, носењето толку погрешна одлука е навистина жално, се вели во соопштението на турското Министерство за надворешни работи и се додава дека европската иницијатива „нема никаква вредност“ во нивните очи.
Во Либија за власт се борат Владата на национално единство призната од ОН (ГНА) со седиште во Триполи и генералот Калифа Хафтар, која има контрола на исток и дел на југот.
Првите ги поддржува Турција, која има своја војска таму, а вторите соседните Египет, Обединетите Арапски Емирати и Русија.