ЕУ за бојкотот на СДСМ: Брисел не претпочита повлекување

Гласноговорникот на Штефан Филе, Петар Стано, во интервју за порталот „Фактор“ вели дека Брисел претпочита ангажман, а не повлекување, одговарајќи на прашањето какви се политичките последици со бојкотот на СДСМ и дали Македонија е пред сериозна политичка криза.

„Ние сме свесни дека главната опозициска партија е разочарана со изборниот процес и не ги признава резултатите. Ова е несреќна ситуација. Ние претпочитаме ангажман, а не повлекување. Ние ќе продолжиме да ги поттикнуваме политичките лидери да се ангажираат во конструктивен дух за решавање на актуелните прашања“, вели Стано.

Стано укажува на потребата за конструктивен ангажман и дијалог меѓу владата и опозицијата внатре во земјата, не сакaјќи да шпекулира за мешање од надвор.

Во однос на извештајот на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за изборите, Стано вели дека нивната проценка на избори се базира на широк спектар на прашања, кои се детално опишани во нивните извештаи.

„Во случај на вашите неодамнешни избори, тие се изјаснија дека биле ефективно спроведени“, заклучува Стано.