Во натпреварот од 1.коло од групата Ц на ЕУРО во Гелзенкирхен, фудбалерите на Англија ја совладаа Србија со 1:0 (1:0). Џуд Белингем во 13 минута го постигна победничкиот гол за Англија.
Во првото полувреме Англичаните се наметнаа како доминантна екипа и еден од фаворитите за титулата, додека Србите најмногу се бранеа и изгледаа дефанзивно. Сепак, во вториот дел Англичаните ја загубија енергијата и покренаа многу прашања за продолжението на ЕУРО, а Србите изгледаа како подобар противник со похрабра игра во вториот дел, но не успеаја да постигнат гол.
Србите во првите 13 минути игра речиси и не ја допреа топката, а Англичаните веќе поведоа. Кајл Вокер со длабока топка го пронајде Букајо Сака, кој нафрли од десната страна во шеснаесетникот, каде што топката ја пречека истрчаниот Џуд Белингем и погоди со глава. Тоа се покажа како единствениот гол на овој најлош натпревар на ЕУРО досега.
Во 20. минута по грешка на Арнолд, Александар Митровиќ неочекувано се најде во шанса, но веднаш шутираше и ја испрати топката покрај голот. Во 26. минута возврати Вокер, чиј продор и опасното уфрлање остана невозможна мисија за Хари Кејн и Фил Фоден.
Во вториот дел Србија заигра многу поофанзивно со влегувањето на Лука Јовиќ, Душан Тадиќ и Филип Младеновиќ, па избраниците на Драган Стојковиќ ја презедоа иницијативата но без шанси или опасни удари кон голот. Англичаните изгледаа поуморно во вториот дел, особено Белингем, а првата шанса ја имаа дури во 77. минута. Нафрлувањето на Џерод Боуен во шеснаесетникот наидува на Кејн, но неговиот удар со глава ја погоди гредата. Во 82. минута најголемата шанса на Србија досега – Душан Влаховиќ шутира од 18 метри, но голманот Џордан Пикфорд беше подготвен.
Претходно во оваа група Данска и Словенија одиграа 1:1