Фудбалерите на Словачка го направија досега најголемото изненадување на Европското првенство во Германија, во првото коло од групата Е во Франкфурт со 1:0 ја совладаа Белгија, која важи и за еден од потајните кандидати за освојување на титулата.
Стрелец на единствениот гол на натпреварот беше Иван Шранц во седмата минута, додека Белгија, поточно Ромелу Лукаку, постигна два гола во вториот дел, но и двата беа поништени. Првиот поради недозволена позиција, а вториот поради играњето со рака во зачетокот на акцијата од која беше затресена словачката мрежа.
Белгија многу жестоко и растрчано го отвори дуелот, создавајќи одлична можност веќе во третата минута. Доку претрча половина терен и притоа мина двајца противнички играчи, ја додаде топката до Де Брујне, а овој го проигра Лукаку кој шутираше од два метра но директно го погоди словачкиот голман Дубравка.
Белгија потоа имаше уште еден квалитетен излет кон Дубравка, но конкретното набрзо се случи на другата страна од теренот, во седмата минута. Ударот на Куцка го одбрани Кастелс, но топката се одби до Шранц, кој од не баш идеална ситуација целосно откосо реагираше одлично и погоди за Словачка за 1:0. На сѐ му претходеше голема грешка на Доку, кој во сопствениот шеснаесетник им ја подари топката на противниците.
Примениот гол не влијаеше добро на фаворизираните белгиски фудбалери, кои продолжија да доминираат според поседот и напаѓаа, но немаше ист интензитет како на самиот почеток од натпреварот. До крајот на првото полувреме Белгија напаѓаше, но во вистинска смисла на зборот јалово. Првата голема шанса ја имаше Словачка во 40. минута. Куцка прекрасно го пронајде Хараслин, а овој упати волеј во противничкиот гол. Белгискиот голман Кастелс одлично реагираше и го спречи вториот гол на Словаците.
На крајот од првиот дел, во 42. минута, Белгија можеше да израмни, но Лукаку уште еднаш не успеа да се докаже. Изби сам пред Дубравка, но ја испрати топката далеку од противничкиот гол.
Во преостанатиот дел од натпреварот Белгија напаѓаше уште пожестоко, а во 56. минута конечно погоди Лукаку, најдобриот стрелец во квалификациите за ова Европско првенство. Онана ја спушти топката пред голот на Словачка и Лукаку овојпат не можеше да промаши. Но, голот на Белгија и не беше признат бидејќи Лукаку се најде за малку во недозволена позиција.
Потоа во 59. минута Тросар шутираше жестоко, но Дубравка го одбрани неговиот удар, додека во 62. Белгија беше уште поблиску до израмнување. Бакајоко шутираше, а Ханко со пожртвувана интервенција со глава го спаси голот од гол-линијата.
Белгија притисна на вистински начин во воведните 15 минути од вториот дел, но потоа повторно спласнаа белгиските напади. Словаците го истиснаа противникот од пред својот гол, а како и во текот на целиот натпревар, целосно ја задушија препознатливата игра на Де Брујне.
Дури во 84. минута белгискиот селектор Тедеско се реши во игра да го внесе потенцијално опасниот напаѓач Опенда, заедно со Лукебаби и тогаш јасно фрли сѐ на напдот. Само две минути подоцна беше јасно колку Опенда може да биде опасен за Словаците. Се проби по левата страна и испрати повратна топка која Лукаку ја внесе во мрежата. Сепак, тоа беше втор поништен гол за Белгија, бидејќи на почетокот на акцијата Опенда со рака ја допре топката која отиде во фор во кој ги претрча словачкиот одбранбен играч.
До крајот Де Брујне имаше уште една шанса, во судиското надополнување, но ударот го запре словачкиот голман Дубравка за големите три бода на својата репрезентација на стартот од првенството.
Претходно во понеделникот во оваа група Е Романија со убедливи 3: ја победи Украина.0
Во второто коло Словачка и Украина ќе играат во петок на 21 јуни, додека ден подоцна на распоред се Белгија и Романија.