ЕУРО: Чешка подобра од неискажаната Холандија

Чешката фудбалска репрезентација се пласираше во четвртфиналето на Европско првенство отако во неделата во Будимпешта со 2:0 ја совлада фаворизираната Холандија која дуелот го заврши и со играч помалку и без ниеден удар во рамките на противничкиот гол.

Стрелци за Чесите беа Томаш Холеш во 68 и Патрик Шик во 80 минита.

Иако во фазата по групи Чешка оствари само една победа и се „протна“ во осминафиналето а Холандија имаше стопроцентен успех со три победи, Чесите се покажаа како добро вкомпониран цврст тим кој беше и повешт и посреќен на овој натпревар.

Како клучен се покажа периодот од 51 до 55 минута, кога прво Холандија преку Мален ја пропушти најзрелата шанса за гол на мечот а само неколку минути подоцна познатиот по киксеви Де Лихт се лизна на 20-ина метри од својот гол, а во падот намерно со рака ја собра топка пред таа да дојде до чешкиот напаѓач кој во налет ќе избиеше сам пред холандскиот гол. Рускиот судија Карасев прво на Холанѓанецот му покажа жолт картон, но по интервенцијата од ВАР-от ја промени одлуката во исклучување за Де Лихт, па Чешка до крајот на мечот имаше предност на теренот.

Во првото полувреме Холандија започна со притисок и доминација, но не се реши за висок пресинг врз последната одбранбена линија на Чесите, па првата половина од првото полувреме мина во нејзина јалова иницијатива. Холандија изведе во тој период многу удари од корнер, но не создаде ниедна шанса за погодок. На другата страна Чешка се закани само еднаш во првите 45 минути но многу сериозно, кога во 22 минута Шевлчик нафрли на првата статива каде до топката со глава стаса Соучек но не беше прецизен.

На почетокот од второто полувреме Холандија на пропушти најзрелата шанса кога Мален се ослободи од двајца чувари, изби само пред чешкиот голам Вацлик но кога очекувано се обиде да го заобиколи, Чехот успеа да му ја одземе топката од нозете.

Само неколку минути подоцна Чесите ја исфрлија топката далеку пред холандскиот шеснаесетник, кога со несреќната интервенција Де Лихт го спречи Шик да избие сам пред Штекеленбург. Самобендисаните Холанѓани беа шокирани од ваквиот расплет и еднотавно се вкопаа во одбраната очигледно определувајќи се за контранапади.

Потценетата Чешка, пак, покажа дека има играчи кои освен борбеноста поседуваат и одлични играчки перформанси, па во продолжението за десетина минути ја материјализираа предноста. Во 68 минута уште еден корнер изведе Бара, топака падна на втората статива, каде што највисок во скокот Калас кој ја спушти во петерецот каде што најбрзо реагираше Холеш кој ја затресе мрежата.

Погодокот ги натера Холанѓаните да нападнат со играч помалку, а во отворената игра им донесе нова радост на Чесите. Вацлик се реши со долг дегажман да го префрли тежиштетот на играта на холандската половина, до топката во противничкиот шеснеасетник дојде Холеш а потоа со повратна топка одлично го проигра Шик кој го први поблискиот агол на немоќниот Штекеленбург. Ова е веќе четвртиот погодок на Шик на првенството.

Чешка во четвртфиналето на 3-ти јули во Баку ќе игра против Данска, којашто во саботата со 4:0 го елиминираше Велс.