„Еуро-фарм“ ќе донира 50 кревети за Инфективната клиника

Компанијата „Еуро-фарм“ ќе набави 50 медицински кревети кои ќе бидат донирани за потребите на Универзитетската Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје.

„Во овие тешки времиња за сите нас, обезбедувањето на секаков вид помош за здравствениот систем, здравствените работници и пациентите се приоритет на целото општество. Водени од тоа, во изминатиов период се вклучивме и во помагање на здравствениот систем кој се справува со големи предизвици. Со наши донации вклучени сме во секојдневното снабдување со потребните лекови (дневна терапија) за сите наши сограѓани и лица кои се наоѓаат во објектите кои се именувани како државни карантини. Исто така, во досегашниот период обезбедивме и неколку помали донации од медицински и хигиенски средства за други јавни, здравствени и социјални институции во нашата земја“, соопштуваат од компанијата.

„Еуро-фарм“ изразува благодарност и поддршка на здравствените работници во земјава кои се изложени на секојдневни ризици во својата професионална работа, како и желба и повик за истрајност до сите македонски граѓани заедно да го надминеме и победиме ковид-19.

„Ние и во натамошниот период ќе останеме максимално посветени во справување со оваа тешка здравствена грижа и ќе се трудиме целосно да ги одржиме во функција сите наши капацитети. Ние постоиме за да грижиме за вашето здравје!“, порачуваат од „Еуро-фарм“.