Селекциите на Шпанија и Шведска одиграа без голови во понеделникот во Севилја во мечот од првото коло во Групата Е на Европското фудбалско првенство.
Очекувано „Фурија“ доминираше во текот на натпреварот и создаде неколку идеални шанси за погодоко, но нејзините играчи не успеаја да го совладат извонредно расположениот шведски голман Робин Олсен.
Шваѓаните од почетокот на дуелот се ориентираа на одбраната, а своите шанси ги чекаа во противнапади. Двапат се заканија и во двата случаи преку убави шанси за погодок, но напаѓачите Исак и Берг не успеаја да реализираат.
Првата голема шанса на дуелот ја имаше Шпанија во 16 минута, кога Коке нафрли во гостинскиот шеснаесетникот, Дани Олмо шутираше со глава но Робин Олсен одлично одбрани. Коке повторно беше во убава можност во 24 минута, кога шутираше крај голот, а третата голема шанса ја имаше во 30 минута, но играчот од средниот ред на шпанскиот шампион Атлетико Мадрид повторно не беше прецизен.
Во 38 минута „Фуријата“ ја имаше најубавата шанса во првото полувреме, и тоа благодарејќи на грешката на шведската одбрана која му овозможи на Мората да избие сам пред Олсен, но Шпанецот шутираше крај голот. Во 42 минута се закани и Шпанија. Александер Исак по брзиот противнапад се најде во одлична шанса, го мина По Торес и шутираше но топката од Љоренте се одби во рамката на голот, па во рацете на голманот Унаи Симон.
Хуан Мата имаше одлична шанса и на отворањето на вториот дел, но повторно во решавачкиот момент лошо шутираше. Шведска и во продолжението од мечот своите шанси ги бараше од контранапади. Една таква замалку ќе ѝ донесеше водство во 60 минута, кога по десната страна Исак извиси тројца противнички играчи и одлично го проигра Берг на втората статива, но шведскиот напаѓач го промаши практично празниот гол. До крајот на регуларните 90 минути Олсен уште неколкупати правовремено интервенираше, а во шестминутното судиско продолжение ги запре ударите на Морено и Срабија.
Во претходно одиграниот дуел од истата група Словачка во Санкт Петербург ја изненади Полска и ја совлада со 2:1.
Словачка води со три бода на табелата, Шведска и Шпанија имаат по бод, а Полска ќе ги бара првите бодови на 19-ти јуни во Севилја ќе игра со „Фуријата“, а ден претходно во Санкт Петербург Словачка ќе игра со Шведска.
Во последното коло кое ќе се игра на 23-ти јуни, кога во Севилја Шпанија ќе ја пречека Словачка, а Шведска ќе игра со Полска во Санкт Петербург.