ЕУРО: Со триумфот над Австрија, Холандија обезбеди осминафинале

Фудбалскатата селекција на Холандија обезбеди пласман во осминафиналето на Европската првенство откако во вториот дуел во четвртокот од Групата Ц, во којашто игра и Македонија, во Амстердам со 2:0 ја совлада Австрија.

На добро пополнетата „Јохан Кројф Арена“ стрелци за „Лалињата“ беа Мемфис Депај од пенал во 11 минута и Дензел Думфрис во 67 минута.

Холанѓаните поведоа во 11 минута од ударот од белата точка по прекршокот кој сосема непотребно го направи Давид Алаба. Најдобриот австриски играч кој направи трансфер од минхенски Баерн во мадридски Реал, кој на овој турнир игра на позицијата либеро, на само десетина сантиметри во својот шеснаесетник ја нагази десната нога на холандскиот бек Думфрис, кој падна на теренот. Арбитарот првично само одмавна со раката, но по проверката на ВАР-от беше досуден пенал за Холандија кој го реализираше Мемфис Депај.

Депај во 40 минута мораше да го удвои водството на Холандија. Ван Анхолт упати долга топка во шеснеасетникот на Австрија а центарфорот Вегхорст несебично и правовремено ја проследи до Депај на вторта статива, но овој од непосредна близина не го погоди голот. Веќе следната минута Ван Анхолт во австрискиот казнен простор го проигра Вијналдум но неговиот удар од 11 метри го блокираше австрискиот бег Улмер.

Во второто полувреме првата шанса ја имаше домашната селекција во 61 минута, откако по корнер холандскиот бек Стефан де Вриј шутираше со глава, но австрискиот голман Бахман ја одби топката до која дојде Де Лихт а неговиот удар од близина го блокираше Грегорич.

Додека Австрија јалово и безидејно се обидуваше да дојде до шанса за израмнување, Холандија од полуконтранапад го зголеми водството. Во 67 минута Мемфис Депај ја испрати топката во празен простор која ја прифати Дониел Мален и влета во казнениот простор и го проигра Думфрис, кој непречен од близина погоди за 2:0. Мален, инаку, во игра влезе само три минути претходно.

Австријците одиграа нешто дури во последните десетина минути од натпреварот. Прво во 81 минута Давид Алаба шутираше од 20-ина метри, но покрај голот, а три минути подоцна Саша Калајџиќ нафрли во шеснаесетникот, а Онисиво од близина со глава шутираше директно во голманот Штекеленбург.

Откако во претходно одиграниот натпревар во групата Украина со 2:1 ја совлада Македонија, во Групата Ц води Холандија со 6 бодови, Австрија и Украина имаат по 3, а Македонија е без бодови.

Во последното коло на 21-ви јуни во Амстердам се игра дуелот Холандија – Македонија а дуелот Украина – Австрија се игра во Букурешт.