Македонија има околу 280 сончеви денови во текот на годината, со што идејата за постепеното исфрлање на јагленот од употреба наликува на лесна задача, но како последица на енергетската криза во моментов се случуваат спротивни тенденции Старите електрани на јаглен ослободуваат огромни количества на токсични емисии во воздухот, а дури се отвораат нови рудници за лигнит, наведува „Еуроњуз“ во текст посветен на транзицијата кон зелена енергија во земјава.
И покрај ветувањата дека Македонија ќе стане првата „држава без јаглен“ на Западниот Балкан, земјата во неколку наврати го одлага рокот за затворање на електраните на јаглен.
„Еуроњуз“објавува дека дури 47 отсто од електричната енергија во земјата се произведува од лигнит, при што активни се две термоцентрали „РЕК Битола“ и „РЕК Осломеј“.
Во текстот се посочува дека првично Македонија планираше целосно исфрлање на јагленот од употреба до 2027 година, но енергетската криза ги промени плановите и сега рокот за остварување на оваа цел е продолжен до 2030 година.
Силното потпирање на фосилните горива не го подобрува квалитетот на воздухот. Во 2022 година, електраната на јаглен во Битола имаше најголеми емисии на сулфур диоксид и прашина во регионот на Западниот Балкан. Ослободени се 111.000 тони сулфур диоксид – 17 пати повеќе од дозволеното, се наведува во текстот.
Македонија со просек од 280 сончеви денови во годината има идеални услови за производство на сончева енергија, па така во најстарата електрана на јаглен „РЕК Осломеј“, што се наоѓа на 120 километри од Скопје, начинот на производство на струја треба да го промени со изградбата на соларната централа над отворениот коп за лигнит. Сепак, фотоволтаичната централа чека година и половина за да почне да ја напојува мрежата со електрична енергија.
.