Еурофарм Пелистер го победи Кадетен Шафхаузен во Лигата на Европа

Ракометарите на Еурофарм Пелистер брзо го заборавија минатонеделниот пораз на гостувањето кај Ним, и вечерва со 27:26 го совлада Кадетен Шафхаузен и се зацврсти на второто место на табелата во групата Д со 10 бода, еден помалку од лидерот Ним, и два повеќе од вечерашниот противник.

Поради подобриот меѓусебен скор, првиот натпревар во Швајцарија заврши без победник (28:28), Е. Пелистер ќе биде пред Шафхаузен доколку двете екипи ги завршат настапите во групната фаза со ист број бодови.

Воведните минути им припаднаа на гостите кои поведоа со 4:6 во 11 минута, но тогаш на сцена стапи голманот Секељи кој одбрани два шута, а неговите соиграчи беа прецизни во нападот и дојдоа до израмнување. Во 17 минута, Пелистер поведе со 9:7 и предноста ја чуваше до полувремето кое заврши со предност на битолчани од 15:12.

Првиот напад во второто полувреме го имаше Е. Пелистер но домашните ракометари не го искористија за преднос од четири гола, по што се разиграа гостите и дојдоа до 17:17 во 37 минута. Е. Пелистер возврати со два гола на Мандалиниќ за преднос од два гола, а во 50. Минута по голот на Табоада предноста се зголеми на плус четири (23:19). Во тие моменти, домашните навивачи помислија дека натпреварот е решен и Е. Пелистер ќе оствари убедлив триумф, но така не мислеа гостите. На една минута пред крајот стигнаа на само минус еден 26:25.

Сепак, капитенот Јосип Периќ со одличен соло продор постигна гол, а  гостите во последната секунда успеаја само да се изборат за мимимален пораз од 27:26. Токму Периќ со седум гола беше прво име во победничкиот табор, додека Мандалиниќ и Табоада завршија со по пет. Двајцата голмани на Еурофарм Пелистер, Секели и Кизиќ заедно имаа осум одбрани. Кај Кадентен најдобар беше Зендер со пет гола.

Фото: РК Еурофарм Пелистер