Во својот четврти натпревар сезонава во Лига Европа екипата на Еурофарм Пелистер загуби на гостувањето во Љубљана од Тримо Требње со резултат 28:24.
Битолчани воглавно беа рамноправни во поголемиот дел од средбата, во еден момент имаа и еден гол позитива во текот на првото полувреме (5:4).
Словенците беа тие кои ја имаа константно предноста која се движеше од еден до два разлика, во вториот дел неизвесноста траеше до 20:19, по што следуваа грешки и неискористени напади во клучните моменти, а тоа ривалот знаеше да го казни и да направи серија од 6:1.
Причина за третиот пораз на македонскиот претставник беше и домашниот голман Томиќ кој забележа 15 одбрани, а на спротивната страна Трајкоски и Чаневски собраа вкупно пет интервенции. Кај стрелците во победничките редови по пет погодоци имаа Сарак и Поточник, а во поразениот состав истиот учинок го имаше и Мандалиниќ, четири голови беа дело на Велковски.
На табелата во групата „Д“ Еурофарм Пелистер е на претпоследната петта позиција со еден бод од четири одиграни мечеви, а Тримо Требње од два натпревари има максимални шест бодови на втората позиција.