Во првиот квартал од 2021 година Еуролинк осигурување оствари бруто полисирана премија од 333 милиони денари, што претставува 6% раст во споредба со истиот период лани, во услови кога растот на пазарот изнесува 5% за истиот период. Ваквиот одличен резултат го постави Еуролинк осигурување на лидерската позиција во делот на неживотно осигурување со вкупно 14,67% пазарен удел. Од формирањето до денес, компанијата има опслужено речиси 600.000 клиенти и има пласирано бројни новитети кои го обликуваат пазарот за осигурување во земјата. Во март 2020 година, Еуролинк осигурување стана дел од реномираната групација ГРАВЕ, што донесе зајакнување и дополнителна стабилност за осигурениците на компанијата.
„Нашата деловна политика се состои од преземање одговорни и одржливи одлуки што носат успех на долг рок. Зад нас е тешка година, но искуството на целиот тим, посветеноста во работата и највисоки стандарди во однос на грижа за клиентите носат солиден и стабилен раст што нè поставува на врвот на индустријата. Горди сме што граѓаните и компаниите го препознаваат квалитетот што го нудиме и што ни ја доверуваат заштитата на највредните работи во животот. Имајќи предвид дека сè уште владеат услови на несигурност заради пандемијата, нашето внимание и оваа година е целосно насочено кон поддршката на нашите клиенти низ тековната криза како нивен силен и сигурен партнер“ – изјави Марија Томеска, претседател на Управниот одбор на Еуролинк осигурување.
Иновациите во осигурувањето се движечка сила за Еуролинк, па плановите на компанијата за периодот што следи вклучуваат нови понуди и услуги што дополнително ќе го збогатат осигурителниот пазар кај нас, вложување во нови технологии што ќе го унапредат корисничкото искуство на осигурениците и континуирана надградба на тимот за најдобра услуга.