„Еуромакс Ресурсис“: Меѓународните инвеститори не можат да имаат доверба во оваа Влада и држава

Инвеститорот во рудникот за бакар во Иловица реагираше до дел од домашните институции, но и амбасадите, за правната несигурност во земјава.

Извршниот директор на „Еуромакс Ресоурцес“, Тим Морган испратил писмо до амбасадорот на Канада, Џајлс Норман, евроамбасадорот Дејвид Гир, амбасадорката на САД, Анџела Агелер, холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп, британскиот амбасадор Метју Лосон, амбасадорот на Бугарија, Ангел Ангелов, како и швајцарската амбасадорка Вероник Хулман, во кое се вели дека правнта сигурност што треба да ја обезбеди правниот систем е доведена во прашање, особено во случајот со рудникот во Иловица, и претставува реална закана за странските директни инвестиции.

Писмото е упатено и до министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Од компанијата истакнуваат дека постојат три правосилни пресуди во нивна корист и не постојат било какви правни аргументи со кои би се оспорила валидноста и законитоста на концесиите за експлоатација Иловица 6 и Иловица 11 и нема оправдани законски пречки Владата да не пристапи кон одлучување за „Барањето за спојување на концесиите“ поднесено пред осум години.

Поради низата правни предизивици, од Еуромакс во писмото ја споменуваат и можноста за покренување меѓународна арбитража.

„Позитивната намера на највисокото раководство на Еуромакс беше и останува градењето на партнерство со Владата на Република Северна Македонија, бидејќи договорите за концесија всушност претставуваат билатерални акти во кои две страни конструктивно ги регулираат своите права и обврски како партнери. Меѓутоа, во она што досега беше лавиринтски процес, ние за жал продолжуваме да се соочуваме со одлуки кои не се донесени во согласност со релевантната легислатива. Ние имаме обврска сите информации да ги објавуваме на Берзата во Торонто (TSXV), индиректно презентирајќи на целиот глобален меѓународен пазар дека меѓународните инвеститори не може да имаат доверба во оваа Влада и оваа држава“, се вели во писмото.

Во него, компанијата потсетува на правната голгота со која се соочува и истакнува дека од 2016 година сите нивни активности се блокирани поради законски и административни пречки.

„Во јануари 2016 година Еуромакс поднесе законски валидно барање за спојување на две соседни концесии за експлоатација („Барање за спојување“) кое до сега не е решено и сè уште „чекаме“ негово одобрување од страна на Владата на Република Северна Македонија. Делувајќи како конструктивен партнер, со оглед на фактот дека нашето Барање за спојување беше континуирано игнорирано од страна на Владата, и заради заштита на интересите на нашите инвеститори, бевме „принудени“ да влеземе во правни административни процеси пред домашните управни судови. Првата тужба до Управниот суд е поднесена во 2019 година, а конечната пресуда е донесена следната година, во 2020 година, која пресуди во корист на Еуромакс, поништувајќи ја негативната одлука која првично беше издадена од Министерството за економија („Резолуција за отфрлање“). За жал, релевантните институции на државата ја игнорираа оваа одлука и покрај јасните инструкции од судот“, се додава во писмото.

Еуромакс потенцира дека постои и втор судски случај – обжалување на едностраното раскинување на концесијата Иловица 6, кој повторно завршува во корист на Еуромакс и практично се поништува едностраната одлука на Владата за раскинување на концесијата Иловица 6.

„Третиот управен судски случај (повторување на првиот случај), по дополнителни 3 години долг процес, повторно конечно беше завршен со Пресудата во ноември 2023 година во корист на Еуромакс со која беше поништена „Одлука за одбивање на барањето за дозвола“, нагласуваат од компанијата.

Еуромакс во писмото до амбасадорите негодува што сите нивни активности се блокирани поради правни и административни пречки. Според нив, Министерството за економија веќе признало дека нема правна причина за натамошно одложување за одобрување на барањето за спојување на концесиите и таква одлука Министерството предложило во Владата во јуни 2023 година, а спојувањето било одобрено во согласност со одредбите од Законот за минерални суровини.

„Оваа одлука предизвика протест на група активисти против рударството, поддржани од претставници на православната црква и двајца министри кои беа вклучени во протестите одржани во Струмица. Соочени со тоа, Владата ја промени својата одлука еден месец подоцна во јули 2023 година, без да даде соодветно објаснување. Последователно, како одговор на нашата тужба, Владата наведе причина дека новиот договор за концесија не бил потпишан во периодот од 25 дена по објавувањето одлуката за спојување во Службен Весник (процес кој е во потполна надлежност на Владата) и дека тој временски период бил неоправдано долг. Ова е спротивно на одредбите на Законот за минерални суровини кои предвидуваат рок од 60 дена за потпишување на договор“, се додава во писмото.

Поради оваа причина Еуромакс поднел четврта тужба во Управниот суд.

„Втората одлука на Владата во јули 2023 година за „прекинување на важноста“ на претходната одлука спојување, не беше иницирана од страна на надлежното Министерство, како што се бара со Законот за општата управна постапка, ниту пак овој акт беше дозволен со Законот за минерални суровини. Законот за општа управна постапка стриктно ги дефинира правните механизми „поништување“, „укинување “ или „изменување“ на управен акт и поради тоа оваа одлука на Владата е надвор од дозволените дејствија согласно овој закон“, нагласува Еуромакс.

Компанијата исто така потсетува дека е испратено писмо до Владата, со кое ја известиле дека постои билатерален договор помеѓу Македонија и Швајцарија за за заштита на инвестициите.

„Секоја произволна и спротивставена одлука на Владата или на судовите додаваат дополнителни докази за несоодветниот третман од страна на државните институции и го зајакнува нашиот случај за арбитража. Оваа меѓународна арбитража ќе стане неизбежна реалност доколку Владата и релевантните државни институции продолжат да ги игнорираат и непочитуваат закони и конечните правни одлуки на нејзините домашни судови. Ова не е нашиот претпочитан начин на дејствување, но нема да се двоумиме да ги искористиме нашите права за заштита на инвестицијата и да додадеме уште еден арбитражен случај на постоечките со кои веќе се соочува македонската Влада,“ посочува Еуромакс.

Во писмото се додава дека истражувачките работи на проектот Иловица-Штука започнале во 2004 година и оттогаш Еуромакс инвестирал повеќе од 50 милиони евра за различни фази од неговиот развој. Нивната инвестиција би тежела 350 милиони евра за првите две години од изградбата на рудникот.

„Оваа иницијатива ќе овозможи да се генерираат приближно 1.000 директни работни места во фазата на изградба и 500 директни работни места во текот на работењето, како и дополнителни 2.000 индиректни работни места. Покрај ова непосредно влијание врз вработувањето, проектот ќе даде значителен придонес во БДП, внесувајќи свежи средства на финансирање на државниот и општинскиот буџет. Позитивниот ефект ќе го почуствуваат локалните бизниси кои ќе имаат значителни придобивки од неговата реализација“, велат од Еуромакс.