Владината одлука со која еднострано се раскинува договорот за концесија со „Еуромакс ресурси“ за изградба на рудник кај Иловица, е политичка и е спротивна на сите досегашни официјални изјави на владини претставници, дека ќе се чека прво одлука на Управниот суд, за да се донесе конечно решение по ова прашање. Но, иако „Еуромакс“ чека одговор на тужбата од Управен суд, за неиздадената дозвола за експлотација на минерални суровини, Владата деновиве донесе одлука за стопирање на проектот „Иловица“. Објаснувањето од Министерството за економија е дека компанијата ги нема сите потребни документи за концесијата.
Од компанијата нагласуваат дека правдата најверојатно ќе ја бараат на арбитражен меѓународен суд, но дека сепак, претходно ќе се обидат уште еднаш да преговараат со Владата и да изнајдат најсоодветно решение.
Како што нагласи на прес конференција, Патрик Форвард, главниот извршен директор на „Еуромак ресурси“, одлуката на Владата е многу разочарувачка за компанијата која во изминатите две години има вложено 50 милиони евра во проектот рудник „Иловица“, а планираната вкупна инвестиција изнесува 350 милиони евра во изградба на објектот.
„Одлуката на Владата има политичка заднина и е лоша порака за другите странски инвеститори, но и многу силен индикатор за меѓународната позиција на Владата. Според проектот, на почетокот планиравме 1.000 нови работни места во изградбата на објектите, 500 директни и 2.700 индиректни вработувања, што е многу значајно за Македонија која ја напуштаат граѓаните поради немање на работа. Досега инвестиравме 5 милиони евра за истражување на влијанието на рудникот врз животната средина и земјоделството, според највисоки стандарди, поради што и ЕБОР беше согласен да даде кредит“, нагласи Форвард, кој се прашува, дали можеби одлуката на Владата е поради активиностите на еколошките организации.
Владата еднострано го раскина договорот со објаснување дека концесионерот не ја доставил потребната документација за добивање дозвола за експлотација на минерални суровини.
Според адвокатот на „Еуромакс“, Габриел Ленски, од реномираната меѓународна адвокатска фирма LANSKY, GANZGER & Partner, постојан силни агрументи на страната на компанијата кои би ја побиле владината одлука пред меѓународен суд. Тој нагласи дека документацијата забавила во некои делови, но затоа што се чекало многу долго за одговор од Владата на доставени документи од „Еуромакс’.
„Имаме многу силен случај и убедени сме дека „Еуромакс“ со јаки аргументи ќе добие меѓународна заштита на својата инвестиција. Македонската Влада, оваа или идната, треба да биде сигурна дека компанијата е подготвена да ги исцрпи сите домашни и меѓународни процедури за да докаже дека проектот досега се одвивал според сите законски норми. Сигурно ќе се бара обештетување затоа што се прекршени низа права кои им се даваат на инвеститорите. Но, претходно писмено ќе бараме од Владата да седнеме и да преговараме за ова прашање, па потоа ќе го донесеме конечниот став“, рече Ленски.
Договорот за концесија за „Иловица“ беше склучен во 2012 тата за време на претходната Влада, меѓу тогашниот министер за економија Ваљон Сарачини и компаниајта „Фелпс доџ Вардар“ која потоа ја купи „Еуромакс“ компанија, со која беше усогласен договорот, потпишан од тогашниот министер за економија Беким Незири.