Еуроникел ќе ја тужи Слаѓана Тасева

Нетрпеливоста меѓу претседателката на „Транспаренси интернешнл – Македонија“, Слаѓана Тасева и раководството на Еуроникел, инвеститор во кавадаречки ,,Фени индустри“, кулминираше по најновата објава на Тасева на нејзиниот Фејсбук профил, каде,  според ,,Еуроникел“ се објавени  лични податоци, со што, како што велат, таа ги прекршила основните човекови права .

Две лица чии имиња беа јавно објавени во документите од страна на ,,Транспаренси“ најавија прекршочни пријави според Законот за заштита на податоци .За ова се огласија и од комапнијата ,,Еуроникел“.

Се прашуваме дали Тасева навистина следи што се случува , како што вели самата, во случајот „Фени“, со оглед на тоа дека беше доставен ревидираниот план за реорганизација според насоките на Апелациониот суд. Ова не е првпат Тасева да си поигрува со информациите и притоа да не ја презентира и втората страна во случајот. Поради тоа, веќе е поднесена тужба за клевета во Основниот суд во Скопје за изнесените наводи на прес-конференцијата, каде што Тасева, повторно спротивно на декларираните принципи на ,,Транспаренси интернешнл’’, се стави себеси во функција на еден правен субјект, без воопшто да го земе предвид целокупниот контекст,се вели во соопштението на  Еуроникел.

Според „Еуроникел“,Тасева повторно изнесува непотполни информации во јавноста со оглед на тоа што истиот ден кога објавила судска одлука стара речиси еден месец, компанијата веќе постапила по насоките од Апелациониот суд и до Основниот суд во Велес доставила ревидиран план за реорганизација на „Фени“.

Претседателката на „Транспаренси интернешнл – Македонија“, Слаѓана Тасева, пак вели дека нема вина поради објавувањето на личните податоци на раководниот кадар на „Фени“, кои биле дел од судска одлука на Апелациониот суд.