„Еуроникел“ ќе поднесе тужба против „Транспаренси Интернешнл – Македонија“ и нејзината претседателка Слаѓана Тасева за клевета, за изјава дадена на 25 април. Од компанијата велат дека побарале изјавата да биде повлечена, но тоа не се случило
Спротивно, и „Транспаренси Интернешнл-Македонија“ и Тасева продолжија одлучно и неосновано да го напаѓаат не само „Еуроникел“ и компанијата основач ГСОЛ, туку и јавниот процес пропишан со закон кој строго и транспарентно беше спроведен од сите учесници во стечајната постапка, велат од компанијата.
Од таму додаваат дека „Транспаренси Интернешнл-Македонија“ и Тасева целосно ги игнорираат фактите кои јасно укажуваат дека ГСОЛ/Еуроникел јавно, транспарентно и недвосмислено во целиот изминат период ги искажува своите деловни намери за преземање на „Фени Индустри“, согласно важечката легислатива на Република Македонија и правилата на стечајната постапка.
Единствена основа и извор за неиздржани наводи на Тасева и „Транспаренси Интернешнл-Македонија“, велат од компанијата, се претходните сопственици кои го довеле „Фени“ во стечај.
Оттука, поттикнати од целосното отсуство на интерес од ваша страна за причините кои го уништија „Фени“, како и за транспарентните обиди за негово заживување, а земајќи го предвид обемот на досегашна инвестиција на ГСОЛ/Еуроникел која преставува една од најголемите еднократни инвестиции во изминатата декада во Република Македонија, како и клеветничката намера и резултатите на вашето однесување, ве информираме дека ќе бидете соочени со тужба за да ги докажете вашите наводи и да ги аргументирате вашите неиздржани заклучоци за инволвираноста на ГСОЛ/Еуроникел во стечајната постапка на „Фени“, пред надлежните судови и органи, а со цел не само да го заштитиме нашиот углед и репутација и да ја обелодениме мотивацијата за вашите јавни појавувања и реакции во врска со стечајниот процес и иднината на ‘Фени’, туку и заради искоренување на ризиците по иднината на фабриката, нејзините вработени, засегнатите страни, нашата инвестиција и интересите на македонската економија, стои во писмото од „Еуроникел“ до Тасева.