Еутаназија на свиња чини 110 денари, а нес-кафе 130- реагираат ветеринарите

-За двонеделни активности (посетени преку 70 фарми, земени над 80 крвни проби и извршена дезинфекција) кои ме чинеа најмалку 30.000 денари, добив 160 денари поврат од државата. Толку изнесуваше фактурата која ми беше исплатена.-

Вака накусо ветеринарот Слободан Димитровски од Делчево објаснува со што се соочува неговата струка веќе подолго време. Во основа на сите проблеми, вели, се цените на услугите. Од Ветеринарната комора тоа го илустрираат со примерот дека еутаназија на свиња чини 110 денари, а нес-кафе во ресторан е 130.

Ветеринарите вчера го „кренаа гласот“. Отидоа и пред Владата за да ги соопштат своите барања: усвојување на методологијата за формирање цени која е веќе утврдена, итно зголемување за 30 отсто на сите цени за превентивните ветеринарни услуги кои се на товар на државниот буџет, како и 50 отсто кофинансирање на вакцинацијата против болеста ентеротоксемија кај овци и кози. Премиерот Димитар Ковачевски беше службено отсутен, но од неговиот Кабинет добија ветување за средба во најбрз можен рок, пренесува МИА.

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски поради професионални обврски не дојде на јавниот состанок што го организираше Ветеринарната комора и на кој уште еднаш беше укажано дека ветеринарните друштва се во многу лоша финансика и материјална состојба, дека немаат човечки ресурси, како и дека нивниот опстанок е доведен во прашање.

-И покрај очајната, екстремно лоша ситуација во која се наоѓаат, сите ветеринарни друштва, без исклучок, професионално и ревносно реагираа за спречување на африканската свинска чума. Излегоа на терен и максимално се вложија. По алармот дека се појави нов случај, се формира Координативно тело на чие чело е директкрот Бабовски. Одржани беа три состаноци на кои, исто така, беше посочена лошата состојба во која се наоѓаат и опасноста од неможноста да спроведат потребните мерки против болеста, рече претседателот на Ветеринарната комора, Жарко Михајлоски.

Претставникот од АХВ, Ванчо Новоселски ги охрабри ветеринарите јавно да ги кажат проблемите. И тој рече дека проблеми има многу, како и дека беа увидени при спроведувањето на мерките против африканската свинска чума.

-Колегите дадоа максимум кога изби болеста, а голем дел од мерките што беа наложени, се спроведоа благодарение на нивната пожртвуваност. Од објективните проблеми на ветеринарните друштва би го спомнал доцнењето на програмите. Доцна се потпишаа и договорите со ветеринарните лаборатории, истакна Новоселски.

За МИА од Ветеринарната комора објаснуваат дека покрај намалувањето на сточниот фонд, најголемиот удар ветеринарните друштва го доживеаја со економската и КОВИД – кризата, односно со енормното зголемување на трошоците. Комората предупредува дека секторот е пред колапс, поради што бара итна интервенција од Владата и МЗШВ.

Според Комората, ветеринарните друштва не реализирале никакви приходи по основа на извршени активности од јавен интерес, немаат никаква акумулација на средства и не можат да обезбедат ни минимални средства за исплата на личен доход.