Евакуација и поплави во Калифорнија поради големи бранови

Крајбрежните градови во Калифорнија се соочија со уште еден ден на високи бранови и можни поплави во саботата, при што некои локални власти наредија евакуација и ги предупредија жителите да ја избегнуваат крајбрежната област.

Националната метеоролошка служба во Лос Анџелес предвиде значителни поплави во ниските крајбрежни области, при што големите бранови и плимата и осеката претставуваат „исклучителн ризик“ од давење и оштетување на објекти како што се доковите.

Бранови високи до шест метри би можеле да ги загрозат домовите покрај океанот во областите низ поголемиот дел од брегот на Калифорнија, погодени од екстремни бранови и дожд во текот на викендот.

Официјални лица во јужниот дел на округот Вентура наредија евакуација на дел од нивната област во саботата, а предупредувањето за високи бранови беше на сила во Сан Франциско до сабота попладнето по локално време.

Округот Вентура, на околу стотина километри северозападно од Лос Анџелес, од четвртокот е погоден од екстремни временски услови. Силните бранови потоа предизвикаа штети на домови и деловни објекти кои беа поплавени со морска вода, песок и шут од морето. Најмалку осум лица се повредени.

Овие проблеми се припишуваат на бурите во Пацификот кои донесоа обилни врнежи од дожд во поголемиот дел од западниот брег на САД во петокот попладнето, заедно со пристигнувањето на екстремно високите плими.