Евакуации на североистокот на Украина по руското напредување

Властите на неколку десетици места во Харковската област на североистокот од Украина наредија во четвртокот задолжителна евакуација на населението по напредувањето на руските сили кои се чини одат во постапна офанзива и објавиja дека „ги зацврстува своите позиции“.

Како што пренесува агенцијата Rеuters, руската војска којашто се повлече од Купјанск и неговата околина коишто ги контролираше од почетокот на инвазијата по молскавичниот противудар на украинската војска ланскиот септември, од минатата седмица изведува офанзивни дејствија во оваа област дневно известувајќи дека зазема територија и важни стратешки позиции. Агенцијата потсетува дека во четвртокот украинската војска признала дека ситуацијата во овој сектор од фронтот е „тешка“.

„Ситуацијата и натаму е тешка, но е под контрола. Русите се обидуваат да се наметнат и да ја пробијат нашата одбрана“, напиша на Telegram Сехиј Черевати, портпарол на украинските сили на источното боиште.

Агенцијата Reuters наведува дека не можела од независни извори да ги потврди тврдењата на Москва за напредување на руските сили, но истакнува дека Череват ја „презема вообичаената формулација којашто Киев ја користи кога неговиот непријател напредува“.

Руската војска е на само неколку километри од Купјанск, изјави во четвртокот вечерта челникот на администрацијата поставена од Москва на регионот Харков, Виталиј Ганчев за руската телевизија.

„Ако зборуваме за самиот Купјанск, тогаш Купјанск-Узловаја и Купјанск-Заосколие се на левиот брег на реката Оскол, ова е веќе предградие на Купјанск: селото Кучеровка, селото Петропавловка. И нашите позиции се многу блиску до овие населени места“, тврди Ганчев.

Руската агенција РИА ја цитира неговата изјава во која ја истакнува стратешката важност на патот кај селото Олшани, каде што руските вооружените сили неодамна успеале да ги зацврстат своите позиции. Преземањето на оваа рута под контрола сериозно би ја подобрила логистиката на овој дел од фронтот, оценува Ганчев.

„Сигурен сум дека во блиска иднина линијата на фронтот ќе биде подготвена за глобална, голема офанзива во правец кон Харков“, додал Ганчев.

По очигледното руско напредување локалните украински власти наредија евакуација за 37 населени места во округот Купјанск, кој се смета и за важен комуникациски центар, каде што според некои руски воени блогери имало и странски воени инструктори и офицери.

Главно станува збор за села и мали урбани населби кои датираат од советскиот период кои сега се на самата линија на боиштето, на левиот брег на реката Оскол.

Воено-цивилната украинска управа на Купјанск, град кој до пред превртатот во Киев во 2014 година имал 25.000 жители, уште рано претпладнето во четвртокот им нареди на жителите евакуација и тоа во насока кон Харков, големиот главен град на истоимената област, поради „тешката безбедносна ситуација и поинтензивното бомбардирње“.

Според географските мапи коишто претходно во четвртокот на редовниот дневен брифинг ги презентираше руското Министерство за одбрана, руските сили се на само неколку километри од Купјанск.

Истовремено продолжуваат сѐ почестите украински напади со дронови на цели на руска територија. Руската војска во четвртокот рано утрото соопшти дека собориле 13 украински беспилотни летала, од кои 11 во близина на црноморскиот полуостров Крим и две кои се движеле кон Москва.

Киев објави дека во текот на изминатата ноќ отворил „привремени“ коридори на Црното Море за да се овозможи пловење на бродовите со житарки, и покрај заканите на Москва дека бродовите кои се движат кон украинските пристаништа ќе се сметаат за легитимни цели кои пренесуваат оружје и воена опрема. Засега нема информации дали бродовите испловиле од украинските пристаништа, бидејќи од јули украинската војска изведува чести напади со подводни и воздушни дронови на што руските сили одговараат со засилено присуство на воени бродови и борбени авиони над областа.