Еве колку потписи досега собраа претседателските кандидати

До бројката од 10.000 потписи потребни за учество на претседателските избори во земјава се доближуваат неколкумина кандидати, според најновите податоци објавени од страна на Државната изборна комисија.

Прв кој дојде до потребниот број е кандидатот на ДУИ, Бујар Османи, тој има 10.528 потписи.

По него следува Максим Димитриевски, претседателскиот кандидат на ЗНАМ, кој се доближува до потребната бројка, односно има 8.400 потписи.

На трето место според собраните потписи е Арбен Таравари, претседателскиот кандидат на здружената албанска опозиција кој има 7.496 собрани граѓански потписи.

Четвртото место е за професорката Билјана Ванковска која е претседателската кандидатка на Левица, со собрани 6.237 потписи.

Стевчо Јакимовски од ГРОМ на своето конто има 4.238 потписи и со тоа се наоѓа на петото место.

Кандидатите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Стево Пендаровски и Гордана Силјановска немаат потреба од потписи, бидејќи во претседателската трка ќе влезат со 30 пратенички потписи.

Но од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека Давкова ќе собира и потписи од граѓаните, а постојат најави и од СДСМ дека тие исто така ќе собираат потписи за нивниот кандидат, кој е и актуелен шеф на државата, Стево Пендаровски.

За другите кандидати ќе биде исклучително тешко до 8 март да ги соберат потребните потписи. Најдобар скор од нив има Мерсиха Смаиловиќ – 696, додека за кандидатот Томе Николоски нема ниеден потпис.