Евгениј Пригожин е мртов, ДНК анализата го потврди идентитетот на десетте загинати лица во авионската несреќа кај Твер

Завршени се молекуларните генетски испитувања според кои е утврден идентитетот на сите десет загинат во авионската несреќа кај Твер. Истражниот комитет на Руската Федерација на својот канал на Телеграм го потврди идентитетот на телото на загинатиот Евгениј Пригожин, но и останатите деветмина кои биле во авионот кој се сруши под неразјаснети околности во регионот Твер близу Москва. Руските медиуми ја пренесоа веста.

Претходно, она што беа останки од телото на лидерот на „Вагнер“, но и на останатите, беше однесено во зградата на судската медицина во Твер, а објектот беше обезбедуван со многу полицајци.

„Во рамките на истрагата за авионската несреќа, завршени се молекуларните генетски испитувања. Врз основа на нивните резултати, утврден е идентитетот на сите десет загинати, тие одговараат на списокот наведен во листот за летање“, се вели во објавата. Според Федералната агенција за воздушен транспорт, во авионот „Ембраер“ биле: Пригожин Евгениј; Пропустин Сергеј; Макаријан Евгениј; Тотмин Александар;
Чекалов Валериј; Уткин Дмитриј; Гробар Николај; командант Левшин Алексеј;
копилот Каримов Рустам и стјуардесата Распопова Кристина.

Во средата вечерта, деловен авион „Ембраер“ се урна во близина на селото Куженкино во регионот Твер во Русија. Во авионот беа десет лица, меѓу кои и тројца членови на екипажот. Сите загинаа. Урнатиот авион ѝ припаѓал на ДОО МНТ-Аеро, специјализирана агенција за деловен транспорт.

Покрената е кривична пријава за прекршување на правилата за безбедност во сообраќајот и работење на воздушниот сообраќај.