ЕВН Македонија ја модернизира дистрибутивната мрежа во општина Илинден. Компанијата стартуваше со реализација на проектот за изградба на нова и реконструкција на постоечката дистрибутивната електрична мрежа во Општина Илинден.
Како што информираат од ЕВН Македонија, до крајот на годината и идната година ќе се гради нова ниско напонска мрежа за индустриската зона и новата населеба во Марино. Исто така ќе се гради и нова мрежа, а и ќе се реконструираат постојните врски во стопанскиот комплекс Илинден. Во целост ќе се реконструира и 10 kV далекувод во областа Јака каде што ќе се изградат и нови дистрибутивни трафостаници за потребите на над 550 корисници кои во иднина треба да се приклучат на дистрибутивната мрежа.
За една успешна инвестиција не се пресудни само финансиите, туку прецизно исцртана енергетска инфраструктура во деталните урбанистички планови на општините. Затоа без проблеми и со брза динамика ЕВН ги реализира проектите во Општина Илинден, изјави Игор Гиевски член на УО на ЕВН Македонија. Со досега реализираните и новите проекти ќе се подобри квалитетот на напојувањето односно напонските прилики во индустриските зони, а ќе се подобри и квалитетот на снабдувањето со електрична енергија на сите постоечки корисници во Општина Илинден, додаде Гиевски.
Градоначалникот на Општина Илинден Жика Стојановски нагласи дека одличната соработка со ЕВН овозможи да се изготват прецизни урбанистички планови и да се проектира енергетска инфраструктура која во иднина ќе овозможи развој на општината.
Проширувањето и подобрувањето на дистрибутивната мрежа ќе продолжи и во наредните години со што ќе продолжиме да создаваме услови за општина Илинден да прерасне во урбана и конкурентна општина во регионот и пошироко, со создадени услови за одржлив економски развој, подобрени услови за стопанисување, како и квалитетен живот на населението, посочи градоначалникот Стојановски.
ЕВН Македонија го реконструираше и среднонапонскиот извод на потегот с. Бучинци кон с. Грушино, каде што целосно се реконструирани 5 дистрибутивни трафостаници 10/0,4 kV. Во реонот на Миладиновци поставени се нови бетонски столбови и нова изолирана мрежа во должина од 1 км. Целосно е реконстуиран далноводот кој проаѓа низ новата населба Јака во должина од 1000м. Во завршна фаза е поставувањето на нов среднонапонски извод од ТС Бунарџик до локалната индустриска зона Марино-Кадино во должина од 3300м кабелска мрежа. Новиот извод целосно ќе изврши подобрување на напонските прилики во овој реон и ќе овозможи квалитетно и сигурно снабдување на потрошувачите во овој реон и на индустриските комплекси кои се во изградба.
Во целиот проект за изградба на нова и реконструкција на старата дистрибутивна мрежа во Општина Илинден, ЕВН Македонија ќе вложи околу 500.000 евра.