ЕВН доби само една понуда од ЕСМ

Водечката домашна во енергетскиот сектор компанија ЕВН Хоме како Универзален снабдувач на електрична енергија, на денешниот тендер за набавка на електрична енергија за задоволување на потребите на корисниците за периодот јули-декември 2023, доби само една понуда од АД ЕСМ.

АД ЕСМ ѝ понудил на ЕВН Хоме купопродажна цена на електрична енергија од 53 евра за мегаватчас, за покривање на 100 отсто од вкупно планираните количества.

Оваа цена е за околу 5,35 проценти пониска од претходната која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач (јануари-јуни 2023), кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена од 56 евра за мегаватчас.

За цената на електричната енергија на ЕВН Хоме во наредниот период ќе одлучува Регулаторната комисија за енергетика, а таа ќе зависи од повеќе влезни параметри, како што се: цената по која АД ЕСМ ја продава електричната енергија на ЕВН Хоме, цената на Преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција.