ЕВН Хоме како универзален снабдувач на електрична енергија ја прифати понудата од АД ЕСМ од 60 евра за мегават-час (мгвч.) за покривање на 85 проценти од потребите за струја во земјава. За останатите 15 проценти, на тендерот за периодот јули-декември биле пристигнати три понуди, но тие не се прифатени поради повисоките цени во однос на моменталните пазарни.
Од ЕВН информираа дека биле пристигнати понуди од компаниите „Дуферцо“, ЕСМ Продажба и Соле24.
– За 85 проценти од потребите на Универзалниот снабдувач ЕВН Хоме, доби само една понуда, и тоа од АД ЕСМ со купопродажна цена од 60 евра за мегаватчас, додека за 15 проценти од потребите беа добиени три понуди, од компаниите Дуферцо МК, ЕСМ Продажба и Соле24, со цени кои беа за околу два ипол пати повисоки, во однос на АД ЕСМ . Управниот одбор на ЕВН Хоме донесе одлука да ја прифати понудата од АД ЕСМ за 85% од домашните потреби, додека за останатите 15%, понудите на компаниите не беа прифатени поради значително повисоките цени.
Од 1 јули годинава ЕВН продолжува да врши снабдување со електрична енергија на домаќинствата и за малите потрошувачи.
– Договорот со Владата за обезбедување на универзална услуга е потпишан на 18 јуни годинава, по што следува процес на лиценцирање во Регулаторната комисија за енергетика. Ова е неопходно за обезбедување на континуитет во снабдувањето со електрична енергија и преставува голем предизвик, поради краткиот рок до престанувањето на важноста на постојната лиценца, како и отворените прашања во однос на начинот на кој ќе се пристапи кон продолжувањето на лиценцата за периодот од следните 5 години. Под комплетен надзор на Регулаторна и согласно законските обврски и утврдената методологија, во наредниот период ЕВН Хоме ќе ја пресмета цената на електрична енергија по однапред утврдени влезни параметри, велат од оваа компанија.
Во крајната цена на струјата влегува цената по која АД ЕСМ ја продава електричната енергија на ЕВН Хоме, цената на преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција.