Од понеделник ЕВН започнува со усогласувањето на броилата за евтина тарифа на струјата и очекува до октомври, кога почнува грејната сезона 800.000 семејства да добијат евтина струја.
За оваа година може да очекувате намалување на цената на електричната енергија. За долгорочно тоа зависи од глобаниот пазар на електрична енергија. Мора да се одлучува година по година, изјави во Охрид Штефан Петер претседател на Управниот одбор на ЕВН.
Владата размислува за зголемување на домашното производство на електрична енергија и намалување на увозот. Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски најавува инвестирање во соларни паркови и субвенционирање когенеративни уреди на домаќинства.
Република Македонија мора да го зголеми сопственото производство на електрична енергија и да го намали увозот, притоа водејќи сметка за зачувување на чистата животна средина преку поголема експлоатација на обновливи извори на енергија, рече Манчевски.
Рубин Талески, претседател на „МАКО СИГРЕ“, за плановите за изградба на капацитети за производство на енергија од обновливи извори забележа дека преостануваат само мал дел од оние ресурси што спаѓаат во евтини енергетски потенцијали.
Остануваат скапите електроцентрали, хидроцентрали. Имаме сонце, но засега се уште електричната енергија од сонце не е конкурентна за овие пазари за оваа финансиска моќ за нашите потрошувачи. Има проблем со сончевата енергија таа е без пари, но ја имате само преку ден, рече Талески.