ЕВН Македонија избрана за Универзален снабдувач со електрична енергија

ЕВН Македонија е избрана за најдобар понудувач на јавното електронско поддавање на тендерот за избор на Универзален снабдувач со електрична енергија.

ЕВН Македонија понудила најниска маржа од 11,5 проценти.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев нагласи дека денеска конечно станува реалност она што беше замисла од Владата преточена преку Законот за енергетика што беше усвоен во мај 2018 година.

-Се покажува дека Владата имаше знаење и капацитет да ги задоволи директивите на ЕУ во делот на регулирање на слободниот пазар на електрична енергија, а при тоа со воведувањето на универзалниот снабдувач да ги заштити граѓаните од ценовните шокови и да им гарантира поволна цена, рече Анѓушев.

Нагласи дека со универзалниот снабдувач како механизам се штити интересот на граѓаните и се обезбедува домашно произведената електрична енергија да стигне кај нив по најповолни цени и услови и на тој начин да се заштитат од ценовните шокови.

-Со овој чекор на либерализација се завршува едно поглавје и од една страна се заштитуваат граѓаните, но од друга  страна се либерализира пазарот за малите компании кои сега имаат пристап на слободниот пазар и треба да очекуваат пониска цена на електричната енергија од таа што ја имаа досега, посочи Анѓушев.

Во одговор на новинарско прашање вицепремиерот потенцира дека досега начинот на пресметка на маржата на ЕВН на некој начин беше монополски, бидејќи Регулаторната комисија за енергетика ги прифаќаше сите трошоци за оперативното работење на компанијата и даваше маргина над тие трошоци.

-Сега механизмот на пресметка е различен и во базичната цена се зема само цената на електричната енергија која универзалниот снабдувач мора да ја купи на тендерска постапка, а над тоа е маргината од 11,5 проценти во кои влегуваат сите оператинвни трошоци и ненаплатени побарувања, како и нивната маргина која ќе им остане после надмирувањето на трошоците, појасни Анѓушев и додаде дека повеќе нема да има признавање на нереални трошоци како досега.

Прецизира дека АД ЕЛЕМ, согласно Законот за енергетика,е обврзан да обезбедува 80 отсто од потребите на универзалниот снабдувач, а останатите 20 проценти ќе треба да ги купува на слободниот пазар. Тоа, ќе биде вградено во цената што ќе ја плаќаат крајните потрошувачи.

-Со оглед на фактот што цената на слободниот пазар е зголемена потрошувачите ќе требаше да очекуваат покачување на цената на електричната енергија да не беше направен така миксот. Се надеваме дека со механизмот за воведување на универзален снабдувач ќе ја заштитиме цената. Како Влада ќе го држиме ЕЛЕМ во државна сопственост за да го заштитиме интересот на граѓаните. Практично на граѓаните во овој момент не им се исплаќа да излезат на слободниот пазар иако имаат право тоа да го направат, рече Анѓушев.

Посочи дека очекува да нема покачување на цената на струјата и по 1 јули кога Регулаторната комисија за енергетика треба да ја утврди новата цена на електричната енергија што ќе важи за универзалниот снабдувач.