
ЕВН Македонија и општината Пехчево ќе ја градат дистрибутивната мрежа во викенд населбата Равна река. Над 300 корисници, неколку хотелски објетки и пет мали хидроелектрични централи ќе бидат приклучени на новата дистрибутивна мрежа. Ќе биде поставена 13 км кабловска среднонапонска 10/20 кВ мрежа, ќе се изградат четири нови трафостаници и ќе биде изградена пет километри нисконапонска мрежа.
– Сето она што е предвидено во развојниот план за Равна Река, оваа нова дистрибутивна мрежа ќе го опфати. ЕВН Македонија се вклучи во овој проект затоа што тој е од големо значење за развојот на регионот и е во интерес на нашите корисници, рече Игор Гиевски, член на управниот одбор на ЕВН Македонија.
Задоволство од стартот на проектот изрази и градоначаникот на Општина Пехчево, Игор Поповски.
– По долго планирање направивме еден голем проект кој ќе биде многу значаен за развојот на туризмот во Пехчево, за развојот на туристичката населба Равна Река и на сите делови кои гравитираат кон оваа населба, изјави градоначалникот Поповски.
ЕВН Македонија ќе инвестира над 600.000 евра, а општината ќе ја изготви сета потребна документација и дозволи за изградба на проектот.