Во селата Слупчане и Оризари сè уште нема струја, а од ЕВН соопштија дека нема да го санираат дефектот додека не се создадат услови за работа со загарантирана безбедност на вработените во Електродистрибуцијата.
Екипи на ЕВН цела ноќ работеле на санирање на дефектот во селата Ваксинце, Алешевце, Руница, Извор и Белановце.
-Во текот на ноќта беше предизвикан нов дефект, исто така од мештаните на Слупчане, кој ги остави без струја селата Матејче, Виштица и Никуштак. Овој дефект е саниран и снабдувањето е нормализирано и во овие села. Дефектот на граничниот премин Табановце беше саниран вчера за кратко време, велат од компанијата.
Жителите на селото Слупчане вчера повторно не дозволија влез на екипите на ЕВН, а испратија и нелогични барања, кои според компанијата се спротивни на законските регулативи.
Тие побара да им се простат досегашните долгови, кои, според податоците на ЕВН, изнесуваат неколку илјади евра. Исто така, бараат и бесплатни нови приклучоци, како и сметките за струја да не им се фактурираат повеќе од 3.000 денари, без разлика колку ќе потрошат, а верските објекти да бидат ослободени од плаќање сметки за струја.
-Пред околу три недели мештаните ветија дека ќе им дозволат на екипите на ЕВН да работат. На средба со нив беа министерот за економија, Крешник Бектеши и градоначалникот на Липково, Еркан Арифи. Загубите во Слупчане се 80 проценти а наплатата е 20 отсто, велат од ЕВН.
На почетокот на минатиот месец мештаните од селото го блокираа патот на екипите на ЕВН и не им дозволија да влезат во селото.
Од ЕВН тогаш соопштија дека со ваквиот обид на самоволно противправно приклучување, предизвикан е дефект од големи размери кој ги оставил и соседните села без струја.